"Добредојдовте во првиот вистински урбан век. A во него, нема да биде весело", пишува Жанин ди Џовани за Daily Beast.
Бразил е дел од потентната групација БРИК но каков било економски успех тешко стига до фавелите. Кој го гледал City of God, знае. Затоа беше сосема можно милиони Бразилци да се дигнат на нозе заради навидум банална причина - поскапување на автобуските билети. На другиот крај на светот, Истанбул се побуни заради дрвја но и поради меката исламизација која ја прави Ердоган.
Политиките во 21-от век ќе се однесуваат на градските проблеми, предвидува анализата. Половина од кинеското население веќе живее во градовите а во следните 20 години во нив ќе се слеат уште 250 милиони Кинези. Рапидно растат градовите и во Индија и во Индонезија, четвртата по големина земја во светот.
Парадоксално беше што Сао Паоло се побуни една недела откако во градот успешно заврши меѓународна конференција во која 50 градоначалници од светот мудруваа на тема иднината на урбаното живеење. Една од ѕвездите беше градоначалникот домаќин кој ги собра ловориките па замина во Париз за да лобира неговиот град да го добие наредниот Експо, па среде забави и шампањи дома му се случи народ.
Сосема банално започна и арапската пролет, во Сиди Бузит, Тунис, каде продавач на зеленчук се самозапали од очај. Парижани во 2004-та беа изненади од каде цел тој гнев во предградијата кој го запали градот. Њујорк станува се понедостапен за луѓе со просечни примања. Големите градови живеат поделено, со невидливи, но некогаш и сосема видливи граници.
Што можат да направат градоначалници, политичарите лидерите? Џон Росант, основачот на влијателната New Cities Foundation порачува:
"Мора да ги стимулираат сетилата и духот и истовремено да обезбедуваат работни места. Мора да научат да го почитуваат дигнитетот и фундманенталната рамноправност на сите свои граѓани."