Последните денови на Ентони Бордејн: Осамен сум

Уште неизлезена, една биографија на Ентони Бордејн која се занимава со неговите последни денови и расположенија ги вознемири членовите на неговото семејство и пријателите. Биографот вели дека живототот на овој хедонистички Одисеј во скинати фармерки е уште потсетување на старата „пази што посакуваш....“

„Господ ни даде месо, но ѓаволот ни испраќа готвачи“, кажа Ентони Бордејн за Опсервер пред две децении. Во неговиот светоглед ова беше кажано како комплимент бидејќи тој ги сметаше кујните за втор дом за проклетите души, за понижените и развратните. Во тој момент, тој веќе беше познат во Њујорк, како автор на скандалозниот бестселер "Доверливо од кујната“ (Букбокс рецензија тука), како готвач и косопственик на Les Halles, француска брисерија на Парк авенија во која се муваат креативни аутсајдери.

17 години подоцна, Бордејн се самоубива во еден провинциски хотел во Кајзерсберг, Франција, во финиш на напорната врска со контроверзната ќерка на италијански режисер на хорор филмови, Асија Арџенто (види во Офф кафе „Асиа Арџенто како Јоко Оно“).

Уште неизлезена (се чека 11 октомври) последната биографија на Тони Бордејн (Down and Out in Paradise: The Life of Anthony Bourdain) која преку разменети пораки и други детали се занимава со последните денови на Бордејн, веќе вознемири членови на неговото семејство и пријатели. Тврдат дека не е точно она што е таму напишано иако никој не кажува што точно не е точно.  „Веројатно повеќе се работи за емотивна а не фактичка непријатност“ претпоставува Едвард Хелмор во Гардијан. 

Биографијата е напишана од Чарлс Леерсен, кој има напишано биографија и за Буч Касиди а мотивот да се занимава со Бордејн бил оној кој интригира и илјадници други луѓе: зошто би се самоубил човекот кој ја имаше најдобрата работа на светот?

На врвот од кариерата, Бордејн патуваше 250 дена годишно, посетувајќи егзотични локации, среќавајќи се со интересни луѓе и уште поинтересни јадења, како некој модерен Одисеј во фармерки и рокерска опуштеност.

„Неговиот живот е уште едно потсетување на старата мудрост 'внимавај што посакуваш, да не ти се оствари еден ден...“ вели Леерсен.

Јазот меѓу неговиот исполнет живот и испразнета душа станува клисура во последните денови, кога ѝ пишува на неговата втора сопруга со која останаа блиски и по разделувањето:

„Ги мразам моите фанови. Мразам што сум познат. Ја мразам мојата работа. Осамен сум и живеам во постојана несигурност“, ѝ пишува Тони на Оливија Бусиа- Бордејн.

Му станува јасно дека станал нешто што не сакал да биде но бил премногу исцрпен и испразнет за да проба со рестарт, наместо со шат даун.

Го дотепува турбулентната и исцрпувачка врска со младата Арџенто, една од првите која го обвини Харви Вајнстин за силување. Да повториме само два детала од таа нејзина чудесна приказна: прво дека Вајнстин „со сила извел орален секс врз неа“ (??) и второ дека после силувањето таа му станала девојка на Вајнстин ама тогаш тоа било консензуално (види повеќе во Дали после Вајнстин на ред е Оливер Стон?).

Бордејн беше тој што му плати на дечкото кој подоцна ја обвини  Арџенто дека сакала сексуално да го злоупотреби кога имал 17 години.

Тони- Асиа била класична врска меѓу постара личност која сака малку мир и стабилност и млада особа која такви очекувања ги доживува како гушење.

„Престани да напнуваш и да ми ги потиш јајцата,“ му пишува Асиа на Ентони.

„ОК“ ѝ одговара тој најкратко што може.

Неколку часа подоцна, Ентони Бордејн си го одзема животот.

************

Види и:

Животни лекции од Ентони Бордејн

Последниот оброк на Ентони Бордејн

 

 

1 октомври 2022 - 21:39