55% Американци се соочуваат со сериозни флуктуации на своите приходи од месец во месец а она што ќе го донесат дома може да им биде различно за околу 30%, покажува истражување на ЈП Морган Чејс. Експерти велат дека типично домаќинство не е способно безболно да се справи со ваквите разлики во приходите.
Стресен е таквиот живот бидејќи незнаењето колку ќе заработиш актуелниот месец те остава без можности да планираш и да го распределуваш домашниот буџет. Накратко, многу Американци живеат од чекче до чекче.
Младите и оние со ниски примања се најранливи во поглед на ваквата неизвесност. Дури 70% односно 74% од нив постојано се соочуваат со непознаници колку ќе заработат месецот. Њујорк тајмс пишуваше дека секој познат трговски синџир во земјата и секој ресторан ги доведува своите вработени во ваква позиција, поради шемите по кои се исплаќаат хонорарите а кои се дизајнирани да им одговараат главно на менаџерите.
Но, од проблемот се засегнати сите Американци со оглед на тоа што реалните плати паѓаат од 2009 година. Според истражувањето, платата месечно во просек варира околу 500 долари. „Турбулентноста го има заменето традиционалниот американски наратив за постепен но сигурен финансиски напредок во текот на животот“, пишува весникот.
Оттука произлегуваат сите оние кои попрво би земале 20% помала плата, само кога таа би била редовна. Експерти мудруваат дека човек би требало настрана да трга пари за да може една година да преживее без приходи. Но, во моменталната ситуација, мнозинството Американци имаат заштедено помалку од 1.000 долари а половина од работниците немаат тргнато ништо за пензионерски денови.