Работење за богати односно „wealth work” е термин кој го има сковано економистот на МИТ, Дејвид Аутор, за да се опише оваа индустрија, една од најбрзо растечките во денешнината. Слабо платени и ниско-квалификувани, овие работни места кои диспропорционално ги обавуваат жени се креираат во густите градски јадра и се мултиплицираат во реони во кои растат приходите. Меѓу 2010 и 2017 година, бројот на маникири и педикири се има удвоено, а бројот на фитнес тренери и козметичари расте двојно побрзо од општиот раст на пазарот на трудот.
Иако во тој тренд има причини и за оптимизам, доминантно е непријатното чувство дека се раѓа нова потчинета класа на градски слуги.
За добрата страна: во време кога мануфактурата опаѓа, услужните дејности се сè поважен извор на приходи за оние без високо образование а имиграцијата пополнува добар дел од тие места. Според проценки од Брукингс, околу 20% од ваквото работење за богати е на плеќи на луѓе кои немаат државјанство. Луѓето родени надвор од САД одат во големите метрополи за да најдат работа, пред да се преселат во поевтини гратчиња и предградија за да создадат постабилни домови. На ваков начин, слугувањето им помага и ним и на помалку обучените Американци сепак да влезат на пазарот на трудот.
Работењето за богати влегува во две основни категории. Првата е полно работно време во места како што се салони за убавина и спа клубови. Земаат околу 30.000 годишно а бидејќи најчесто не можат да си дозволат да живеат блиску до работата (бидејќи тоа се скапи квартови), принудени се на ужасно долги патувања од дома до работа и назад. Не само што му го земаат цело време на човека, туку можат да бидат и многу експлоатирачки: њујоршките салони за нокти се озлогласени за изигрување на законите, минималците и слично, а салоните за масажа во Флорида често се параван за трговија со луѓе.
Втората категорија е онаа “Uber for X” економија - огромна маса луѓе кои се најмуваат за возење, носење храна и други услуги на барање. Оптимистички, овие работни места овозможуваат автономија за работниците и задоволство за клиентите (кои не мора да се богати) но бизнис моделот на овие платформи се одржува само ако „креативно се толкуваат“ законите за минималец, платено прекувремено работно време и слично.
Во двете типови ситуации, односите меѓу работниците и нивните клиенти најчесто се неперсонални, што е бизарно со оглед на тоа што таа работа често подразбира и физичка интимност: тоа се луѓе кои ги пуштате да ви депилираат препони, да ви местат спални соби, да ви отвораат врата од автомобил.
Се разбира, работењето за богати не е ама баш никаква новина.
„Со векови, жената имаше многу јасна позиција: или има домашна помошничка или таа е домашна помошничка,“ ќе напише Естер Блум во Атлантик.
Денешната слугинска економија, како што ја нарекува Алексис Мадригал, во многу погледи е супериорна од онаа во 19-от век. Но, иако тогаш немале ама баш никаква заштита од газдите, измеќарите барем биле каков-таков дел од семејството, задолжени да готват, чистат или чуваат деца. Денес се најмуваат преку апликација и никој не знае ничие име. Ниту тој што масирал грб на некој богат морж запамтил кого масирал, ниту пак моржот знае во чии раце бил неколку часа.
Во светот на апликации, интимноста е непотребна а отуѓувањето сосема прифатливо.