Холивудските продукции создаваат романтизирана претстава за крадците, чии бељи ги следиме со доза на задоволство, восхитувајќи им се на вештините. Во реалноста тoa e сосема поинаку. Иако стапката на провалништво во меѓународни рамки е опадната за 25% во последнава декада, кражбите со провалување остануваат чести. ФБИ проценува дека во САД во 2013 имало скоро 2 милиона вакви случаи, при што 60% од кривичните дела вклучувале насилно влегување. Вкупните штети се проценуваат на 4,5 милијарди долари, отприлика 2,300 долари по кражба. Стапката на расчистување на случаите е многу ниска, 13%. Во Британија, каде стапката е 17%, крадците сочинуваат две третини од осудената популација.
Клер Нее (Claire Nee), истражувачка на Универзитетот Портсмаут во Британија, го проучува провалништвото и други видови криминал над 20 години. Таа вели дека ниската стапка на расчистување на случаите значи дека крадците чест остануваат активни, а некои дури и стануваат експерти. Како и во секоја работа, практикувањето резултира со вештина.
„Преку интервјуирање на крадци во текот на годините откривме дека тие стануваат експерти како во било кое друго поле. Тие автоматски собираат знаци од околината кои би им овозможиле успешна провала дури и без да се свесни за тоа. Ние го викаме тоа 'дисфункционална експертиза'", објаснува таа.
Ова е опис на начинот на којшто еден крадец мисли различно од нормален човек. Според Нее, тие често пати работат дури и кога вршат некриминални активности. Постојано прават ментални белешки и пресметки - забележувајќи имот кој изгледа вреден, часовите кога некоја куќа е празна. Сите овие процеси со текот на времето стануваат механички и несвесни.
Дали безбедносните системи помагаат за сигурност на куќата? Па не баш, затоа што домаќините не секогаш ги користат уредите кои ги инсталираат. Тоа може да биде забележано, па крадецот да си одбере најпогодно време. Повеќето кражби всушност не се ни импулсивни, ниту пак кој знае колку планирани.
Во друга поврзана студија којашто испитувала дали експертизата на крадците е нешто реално, Нее почнала експеримент во којшто шест крадци и шест студенти се „натпреварувале" кој е подобар во провалување реална куќа. Резултатот: поранешните крадци биле поефикасни - сите тие влегле и излегле од имотот од задната страна, и биле посистематични во начинот на којшто го користеле времето внатре. Крадците се фокусирале на предметите со висока вредност и минале повеќе време во куќата отколку студентите. Сепак зеле помалку, но повредни предмети, во просек вредни 1500 долари повеќе отколку оние на студентите.
Иако бројот на учесници во студијата е мал, сепак е интересно како функционира донесувањето на одлуки во оваа „професија". Токму ова е клучот за намалување на нивните шанси за провалништво и дизајнирање на подобри програми за рехабилитација, пишува Атлантик.