Бројките што Харвард бизнис ривју ги добива од американското биро за трудови статистики, се дека во американската работна сила во 2014 имало 23,8 милиони менаџери, надзорници и администратори. Во бројката е вклучен приватен и државен сектор, ама не и поединци на функции поврзани со ИТ. Според оваа бројка има еден менаџер на секои 4,7 вработени. Севкупно, на менаџери отпаѓа 17,6% од работната сила, и 30% од вкупната компензација (а.к.а. плати).
Прашањето на Гери Хамел во ХБР е колку од овие 23,8 милиони надзорници се потребни. Како пример за успешно де-бирократизирање тој наведува неколку комплексни бизниси, кои имаат барем половина менаџерски товар помалку отколку просечната голема компанија.
Меѓу ваквите примери е Свенска Хандлесбанкен, чија организација од 12.000 вработени е поделена на само три нивоа. Во банката сите оперативни одлуки се носат речиси комплетно децентрализирано, секоја (меѓународна) филијала носи сопствени одлуки околу кредити и депозити, контролира сопствен маркетинг буџет, има сопствена веб-страна (на заедничка платформа). Иако спротивно на сета банкарска логика, банката непрекинато има најдобар сооднос на трошоци-приходи и позајмици-загуби на ниво на индустрија.
Друг пример е фабриката за авионски мотори на ГЕ Авиација во Дурам, која вработува еден супервизор, менаџерот на фабриката, на 300 техничари. Овој капацитет е два пати попродуктивен од која било друга фабрика од ГЕ Авиајација.
Хамел од американските статистики вади две бројки. Прво дека според овие искуства 50% од сите менаџери се вишок (што би му дошло 12,5 милиони менаџери). Втората бројка е дека заради активности поврзани со потребите на менаџерската каста, годишно акумулирано од работната сила од 111 милиони американски работници, излегува дека 8,9 милиони работници ништо не сработиле (не создале економска вредност). Преку малку виша математика, во која од вкупниот број на работни часови ги отстранува менаџерите кои инаку "не создаваат никаква економска вредност," тој пресметува дека САД би можеле да ги постигнат денешните нивоа на економски производ со 15% помалку работна сила. Како бонус на ова, БДП-то по работник ќе порасне од 120 на 141 илјади долари.
Продолжувајќи да гради на ставот дека менаџерите не создаваат никаква економска вредност, Хамел објаснува дека не е поентата овие 21,4 милиони вработени (12,5 + 8,9) да останат на улица, туку да бидат прераспределени на позиции кои ќе создадат некаква вредност. Кога стигна до тука, тој пресмета дека овие 20 и кусур милиони што денес не произведуваат ништо, кога ќе почнат да произведуваат и ќе го достигнат просечниот економски производ од 141 илјада долари ("наместо со ништо да не придонесуваат"), БДП-то на САД ќе порасне за 3000 милијарди долари, "иако точната бројка најверојатно ќе биде поголема."
Сумата од 3000 милијарди долари претставува 17% од американскиот БДП. Па ако менаџерскиот товар "во следните 10 години се намали за половина, растот на производството ќе се зголемува за стапка од 1,3% годишно, што во основа е за два пати зголемување на стапката за производство од периодот по 2007."