Што се Германците толку запнати околу годишен одмор?

Да завршиш каква било работа во Германија во август е еднаков подвиг како да завршиш каква било работа тука во кој било дел од годината. Таму причината е што Германците го сметаат годишниот одмор за едно од основните човекови права.

Еден од најочигледните примери за германската посветеност на одморите, доаѓа до Дајмлер (компанијата мајка на Мерцедес) кој во 2014 воведува нова меил политика што предвидува на секој меил испратен на нивен вработен додека е на одмор автоматски да му се врати порака во која пишува:

„Јас сум на одмор. Не можам да го прочитам вашиот меил. Вашиот меил ќе биде избришан.“

Историски, пред почетокот на 20-от век само благородништвото практикува одмор, за во 1903 работниците да добијат 3 дена одмор годишно. До 1945 речиси сите добиваат до 2 недели одмор. Дури и нацистите за време на целото свое владеење веруваат дека одморот е „клучен за ефикасно функционирање на германската економија, здравјето на германскиот работник и успехот на германската воена машинерија.“

Во тоа време се и зачетоците на масовниот германски туризам, што денес се одразува во сведоштва од типот:

„Моите пријатели кои работат од 9 до 17 во места како Сименс целата година ја планираат околу одморот. Ама тоа не е само заради забава, туку одат на одмор и за да бидат одморни и во добра состојба за кога ќе се вратат на работа.

Германците повеќе одат на одмор за да работат, отколку што работат за да одат на одмор.“

Просечниот Германец работи 5 дена во неделата и има задолжителен одмор од 20 дена годишно, што кога ќе се додадат државните празници достигнува 39 дена во текот на годината. И покрај ова германската продуктивност (БДП по глава на жител поделена со одработени часови) се вреднува на 105,7 долари, што е за 4 долари повеќе отколку американската, и покрај тоа што Американецот во просек годишно работи по 400 часа повеќе од Германците.

Уште едно обележје на германскиот одмор е што тој за доминантното мнозинство (80%) значи комплетно исклучување од работа (во однос на проверување мејлови, одговарање пораки или која било друга комуникација поврзана со работното место). Сето ова е надополнето и со општо распространетиот резил од прекувремено работење, пракса која Германците ја гледаат со презир како показател дека не си можел да ги завршиш своите обврски во определеното време.

 

6 август 2018 - 17:23