Митот за прегорениот модерен човек

Со просечна работна недела од 47 часа, постојана изложеност на смартфони и работа и во приватно време, со заспивање пред смартфонот, и слични нуспоследици од модерниот живот околу 53% од американските работници изјавиле дека се чувствуваат "прегорени". Ако ви е некаква утеха, не е до модерниот живот, кога и да сте живееле би биле подеднакво папсани.

"Во секоја ера, истоштувањето е хибридно суштество, кое не само што е разбрано преку биолошки и физички контекст, туку од време на време е завиено и во општествената и политичка клима," објаснува Ана Шафнер, истражувачката од Универзитетот на Кент и авторка на книгата Истоштување: Историја.

Она што може да е утеха на прегорениот работник од 21-от век е дека "без разлика на епохата, без разлика дали луѓето живееле во земјоделско општество или биле сведоци на свет кој се модернизира со невидена брзина, луѓето биле уморни. Стварно уморни. Меѓутоа начинот на кој си ја објаснувале својата истоштеност се менувал со тек на време."

Првата теорија за истоштеноста доаѓа во 5-от век пред нашата ера, и во неа авторот верува дека истоштеноста е поврзана со нарушување на телесните сокови (хуморална теорија) надополнето со тоа што јадат луѓето, претерување со сексуалните активности, и прекумерното грижење.

Во средниот век теориите за истоштеноста се селат од медицината и преминуваат под капа на црквата, а задачата да се остане енергичен паѓа директно на поединецот. Тогаш истоштеноста се должи исклучиво од учествување во "гревови кои ја цедат енергијата и предизвикуваат безживотно однесување спротивно на интересите на Бога и божествените добра што тој ги создава." По оваа теорија поединецот е виновен за тоа што немал волја да избере побожествени и активни секојдневни работи. Решението за ова било: поголема посветеност на Господ и работата. Ова е и единствениот пат во историјата кога повеќе работа било препишано како решение за истоштеност.

Во ренесансата се идентификуваат повеќе причини што доведуваат до истоштеност, како присуство на Сатурн во астролошките прогнози на човекот, претерано мастурбирање, а според еден американски невролог проблемот бил во слабите нерви.

Во 19-от век доаѓаат првите обвинувања на сметка на градовите и модерниот живот, што во тогашни рамки значи телеграф, мотор на пареа и измени во функционирањето на општеството. Со појавата на струјата работниците повеќе не мора да си одат дома по заоѓањето на сонцето, што на големо е искористено од капиталистичките сопственици.

Терминот "прегорен" прв пат се појавува кон крајот 1970-те, во книгата на психологот Херберт Фројденбергер кој работи со наркомани во Ист вилиџ во Њујорк. Психологот зборот го собира од речникот на своите пациенти, и го означува нивното континуирано пропаѓање.

Користејќи неговата етикета, истражувачите почнуваат да го студираат прегорувањето во услужната индустрија, кое го опишуваат како "емоционална истоштеност и постепено исцрпување што го доживуваат оние чија професионална траекторија е посветена на помагање на други: сестри, доктори, социјални работници, учители и офицери за условни казни." Подоцна терминот ги опфаќа сите што имаат хроничен стрес.

Според авторката на книгата, денешната ера се разликува по тоа што имаме далеку повеќе теории што се обидуваат да ја објаснат истоштеноста.

5 септември 2016 - 16:05