Во инаугуралниот говор, претседателот Барак Обама говореше за земја во која "секое девојче родено во најцрна сиромаштија знае дека има исти шанси да успее како кој било друг". Реалноста е поинаква. Американците главно се занимаваат со тоа како да платат кирија и храна а во таква борба, останува малку простор за размислување за напредок.
"Само кога се задоволени основните услови за живот, човек може да мисли кое образование е најдобро за неговите деца или кои вештини му се потребни за да напредува на работното место," вели човек од една невладина организација која реализира програма за да ги поттикне луѓето на штедење.
Последното истражување на оваа тема вели дека една третина од Американците немаат никаква заштеда а речиси половина немаат доволно да ги избуткаат следните три месеци доколку им секнат приходите.
Разбирливо, малите примања се главна причина за ваквата состојба но не е невина ни владината политика. На пример, во некои држави изземени од помош се сите оние кои имаат 2.000 долари на книшка, со што државата директно го обесхрабрува штедењето на граѓаните.
Спомнатата невладина, на членовите на својата програма веднаш им одзема дел од месечните приходи и им ги става на штедна, што добро им доаѓа кога ќе им се случи непредвиден трошок од типот на сообраќајка или слично. Постојат и други иницијативи за поттикнување на штедењето, како онаа на синдикатите во Мичиген кои на штедачите им организираат томбола со месечни и годишни премии, надевајќи се дека на тој начин ќе успеат да го претворат коцкарскиот импулс во штедачки.