Пред 50 години, ракетата Сатурн 5, која беше лансирана од вселенскиот центар Кенеди, ги однесе Нил Армстронг, Баз Олдрин и Мајкл Колинс на Месечината. Четири дена подоцна, Армстронг и Олдрин ќе слетаат на Месечината и ќе инспирираат цела генерација млади луѓе да станат научници, инженери и математичари.
Ефектот на програмата Аполо во инспирирањето на американските деца да бркаат кариера на СТЕМ-полињата е едно од најмоќните трајни наследства на Месечината. За жал, се чини дека овој ефект е при крај.
Во периодот на годишнината од Аполо 11, ЛЕГО побара од „Харис пол“ да испита вкупно 3.000 деца во САД, Кина и Обединетото Кралство за нивните ставови и познавања на вселената. Резултатите откриваат дека, барем за западните земји, децата денес се позаинтересирани за Јутјуб отколку за вселенските летови.
Запрашани што би сакале да бидат кога ќе пораснат, околу 3 од 10 американски и британски деца одговориле дека сакаат да бидат јутјубери или влогери - кариери со правење видеа на интернет заради слава и богатство. Помалку сакаат да станат учител, професионален спортист или музичар. Најмалку сакаат да станат астронаути, 11%.
Само во Кина децата изразиле јасна желба да бидат астронаут - или, поточно, тајконаут - пред другите потенцијални професии. Децата во Кина, исто така, биле многу позаинтересирани да отидат во вселената и имале повисоки очекувања за населување на човекот низ вселената во наредните децении.
Не е јасно зошто децата во западниот свет се помалку заинтересирани за вселената или за вселенските професии од оние во Кина. Можеби затоа што Америка веќе беше таму и го направи тоа, од аспект на лунарното истражување, со програмата Аполо. Можеби децата на Америка денес растат со свеста дека постојано имаат национален претставник во вселената, на Меѓународната вселенска станица, и не ги инспирира орбиталната станица во ниската Земјина орбита. Или можеби образовниот систем во Кина става поголем акцент на вредноста на науката и на вселенското истражување.
Во секој случај, ЛЕГО дава сè од себе. Компанијата објави неколку големи сетови посветени на програмата Аполо и на вредноста на СТЕМ-образованието. Освен тоа, тим од 10 дизајнери и ЛЕГО „мастер билдери“ потроши речиси 300 часа во дизајнирање и градење ЛЕГО-модел на Олдрин во неговата легендарна поза на површината на месечината.
На крајот на краиштата, за вистинско инспирирање на американската младина и раѓање интерес за вселената може да треба астронаутите од НАСА повторно да се вратат во длабоката вселена првпат по 50 години. Тоа може - или не може - да се случи во скоро време.