Во време на мамурлак, на човек му е криво и жали за тоа што премногу испил, и генерално каењето завршува тука освен ако во целата приказна не е вклучено и друго лице.
"Меѓутоа вината е чувство дека си направил нешто лошо кое вклучува и друг човек. Може ќе имаш вина ако лошо си се однесувал кон некој друг. Или ако си му ветил на некого дека повеќе нема да пиеш толку многу, па си го разочарал. Меѓутоа ако ти си единствениот на кој си му го ветил ова, ама сепак си го прекршил, тогаш чувствуваш каење," објаснува авторот на книгата Алкохол: Историја, Родерик Филипс.
Сличен став има и уредничката на сајтот The Alcohol Professor, Аманда Шустер, според која вината во мамурлак е директно поврзана со твоите постапки во текот на претходната вечер.
Ричард Стивенс, предавач по психологија на Кил Универзитетот, има радикално поинаков став во однос на мамурлакот, и дека тој може "да се објасни од поврзаноста на психосоматски фактори како конфликт, колебливост и вина, со пиењето, наместо како директен одговор на нашата врска со консумацијата на алкохол."
Студија на Универзитетот во Јута целиот проблем го лоцираат во дел од нашиот мозок кој се активира од негативни искуства, како пиење премногу алкохол или мамурлак. Кога овој дел не е активиран, и негативните последици повеќе не се фактор.
Кингсли Амис, англиски писател, инаку познат пијач, за Њујоркер го објаснуваше феноменот на "метафизички мамурлак":
"Кога тоа неизречиво соединение од депресија, тага (овие две работи не се исти), анксиозност, само-омраза, чувство на неуспех и страв за иднината, почне да ти се прикрадува, почни себе си да си кажуваш дека всушност имаш мамурлак. Ти не боледуваш за ништо, ти немаш преживеано мал мозочен удар, ти не си воопшто лош во твојата работа, твоето семејство и пријателите не се здружени во завера да молчат околу тоа какво гомно си ти, ниту конечно го осозна животот каков е навистина и нема потреба да плачеш околу истурено млеко."