Употребата на наркотици е честа но зависноста од нив е ретка, пишува Бизнис инсајдер за реалноста која е поинаква од доминантниот културолошки и медиумски наратив дека дрогата неподносливо лесно зема жртви, ги оттргнува од прегратките на инаку среќните семејства и на сите наоколу им го претвора животот во пекол.
Во Англија и Велс секој трет возрасен имал искуство со дрога. Во рамките на една година такви искуства имаат околу 3 милиони луѓе и повеќето од нив нема да претрпат никакви долгорочни штети од тоа.
Во тие 3 милиони луѓе постојат 10 проценти кои се зависници, првенствено од хероин и крек. А од нив, 10 проценти годишно успеваат да се излечат.
Поголемиот број луѓе кои доаѓаат во допир со дрога или минуваат неоштетени низ тој свој експериментален период или пак успеваат овој нов елемент да го вметнат во својот вообичаен живот без да му ги нарушат основните темели, исто како што тоа го прават и со алкохолот.
Во реалноста, веројатноста луѓе кои немаат предиспонирана ранливост( оние што си бараат да се сјебат на некој начин) да развијат зависност се мали. Повеќето уживатели на дрога се интелигентни луѓе со нормални животни вештини, имаат поддршка од семејство и пријатели и успеваат да ги менаџираат штетите од дрогата. Контролирајќи ја фреквенцијата на користење и избегнувајќи ги најштетните дроги, добар дел од луѓето успеваат да ги намалат ризиците а да го максимизираат уживањето. И најважно од сè, во случај да забегаат, имаат поддршка од семејството и пријателите, реални шанси да ја задржат работата, домот и останатите столбови кои ги држат во нормала.
Од друга страна, зависниците не се некој случаен примерок луѓе кои ете така, потклекнале под јачината на дрогите. Употребата на дрогите е насекаде распространета, но зависноста од нив е концентрирана во најсиромашните заедници. Во споредба со остатокот од популацијата, хероиномани во Англија се начесто белци, физички работници, престапници со лошо образование, нередовна работа, ментална несигурност и сè почесто се постари од 40 години.