Кјуриозити роверот на НАСА е оддалечен околу 50 километри од местото каде што научниците тврдат дека има сезонски текови со солена вода, меѓутоа заради меѓународен договор од 1967-ма тој не смее да пријде таму.
За Кјурозити да стигне до Марс, тој треба да патува 225 милиони километри низ вселената, патешествие на кое може со себе да има собрано прашина, честички и најразлични непознати микроби, заради што тој е далеку од стерилен.
Ова не е ништо ново и научниците веќе имаат процедура за стерилизирање на опремата кога таа ќе стигне на својата дестинација, процес што тие го опишуваат како "многу интензивен ултравиолетов солариум". Проблемот е што не можат да гарантираат дека оваа стерилизација е доволна во актуелната ситуација кога имаме и вода во равенката.
Тука на ред доаѓа Вселенскиот договор од 1967-ма, со кој му се забранува "на кого било да испрати мисија, робот или човек, во близина на извор на вода заради страв дека ќе го контаминира со живот од Земјата."
Освен тоа, не дека НАСА не може да го стерилизира Кјуриозити со "лудачки количини на топлина и радијација што ќе избрише се' што успеало да го преживее патот од Земјата до Марс, ама притоа ќе ја уништи и внатрешната електроника на роверот."
"За комплетно да го стерилизираат, тие ќе треба да искористат навистина моќно јонизирачко зрачење или топлина, а и двете може да ја оштетат електрониката. Па тие одат до таму до кај што мислат дека смеат," објаснува астробиологот од Универзитетот на Нов Јужен Велс, Малком Волтер.
Едно од можните решенија е да се чека средината на 2030-те, кога НАСА планира човечка мисија на Марс, па некој од астронаутите да донесе вода. Друга опција е на Марс да се испратат роботи, кои ќе можат таму да направат други роботи за да ги испитаат тековите. Втората опција се базира на ланското соопштение на НАСА дека работи на роботи што ќе можат да печатат 3Д инфраструктура на Марс.