Наука потопена во нарцизам

Стереотипот а ла Big Bang Theory е: научниците се социјално хендикепирани фрикови, изгледаат ко клошари и се позагрижени за спинот на електронот отколку за бројот на лајкови (бидејќи и онака немаат профил на Фејсбук). Но реалноста е поинаква и повеќе личи на House of Cards.

Според Бруно Леметр, имунолог кој работи во престижниот истражувачки институт EPFL (Еcole polytechnigue federale de Lausanne) во Швајцарија, во науката веќе не е важно ни да си во право, па дури ни дали си прв.

Искачувањето на врвот на научната хиерархија сè повеќе зависи од медиумскиот профил, објавувањето во „трофејни“ списанија и одржување мрежа на академски придушмани (ем пријател ем душман, од англиското: fremeny), до моментот кога блиските сојузници не станат пречка на патот до академска слава. Според него, атмосферата во лабораториите од светска класа е многу поблиску до суровоста на „Куќа од карти“ отколку на шармантно сатиричната „Теоријата на големиот прасок“.

„Голем број научници се нарцисоидни. Тажно е, но е факт“, вели Леметр. „Ова на некој од надвор може да му е изнадувачки, бидејќи научниците обично се сметаат за скромни трагачи по вистина, кои колективно работат за напредокот на науката“

Сепак, тој не вели дека неговата професија е многу различна од голем број други полиња каде се чувствува подемот на индивудуализмот (читај: себичноста) и на нарцизмот, на пример во политиката, филмот или модата, каде работите стојат уште полошо. Но проблем е кога истото се случува во науката, бидејќи тогаш се доведува во прашање нејзината објективност. Сè поцитирани се статии на „секси“ теми, кои ретко или никогаш не подлежат на проверка на повторливост на резултатите. На пример, една студија според која заземањето моќна телесна поза те прави навистина да се чувствуваш храбар била неколку пати одбивана од различни списанија, но откако авторката одржала говор на ТЕД базиран на резултатите од истражувањето, тој станал втор по гледаност на сите времиња. Генерално, се смета дека 64% од сите резултати во психологијата во топ списанија не можат да бидат реплицирани.

Сето ова е истовремено и резултат но и причина за преокупацијата на истражувачите, списанијата и финансиерите на истражувањата со рангирањата, метриката и влијанието, а истовремено маргинализирајќи ги оние научници кои со напорна работа исправиле некоја досегашна заблуда или откриле нешто навистина ново, но без очигледно потребната помпа.

За волја на вистината, треба да се знае и позадината на Леметр - тој во април минатата година напиша цела книга под наслов „Есеј за науката и нарцисоидноста: како личностите со големо его раководат со истражувањата во природните науки“ како реакција на тоа што неговиот поранешен шеф, имунологот Џулс Хофман, доби Нобелова во 2011 за откритие за кое Леметр тврди дека е во најголем дел негова заслуга.

Ако има нешто добро во нарцисоидните научници тоа е што тие преземаат ризици и често се креативни и инспиративни. Но затоа пак се тешки за соработка и „токсични“ на лично ниво. Леметр тврди дека нарцистичните професори дури имаат и типизирана „шема на парење“, која е свесно или несвесно одбрана за да им ги засили позициите на одреден факултет или просто да им ја зголеми моќта.

Како човек да се заштити од ваквите луѓе ако веќе мора да соработува со нив? Да не паѓа на нивниот социјален шарм, и да се биде свесен дека тие нема да се променат. Барем не додека не се промени начинот на кој системот ги мери и наградува научните достигнувања.

***

Види и: Како да идентификуваш нарцис?