Некои од најголемите британски имиња од областа на историјата предупредија дека таа не може да биде сведена на дисциплина за елитите, откако два универзитета, од Лондон и Бимингем, најавија планови за кратење на тие програми.
Експертите предупредија дека тоа што владата ги форсира универзитетите да им даваат предност на СТЕМ дисциплините (наука, технологија, инженерство и математика) и звучните професии кои носат поголеми плати, ќе доведе до ситуација многу драгоцни хуманистички дисциплини да бидат доведени во слична, инфериорна положба.
Историјата како предмет и тема останува заштитена во Расел групација која е составена од 24-те најпрестижни универзитети во Британија но историчари сметаат дека тоа е опасен елитизам и дека историјата мора да им биде достапна и на оние студенти кои немаат услови да се запишат баш кај што би сакале.
Професорката Кејт Вилијамс која е историчар и домаќин на неколку историски програми на ББЦ вели дека овој предмет мора да биде достапен за сите, значи и за оние кои студираат локално. Во спротивно, земјата ќе се врати во Викторијанската ера кога ваков вид на универзитетско образование било резервирано само за елитата.
„Историјата е многу важна, таа истражува и ни кажува кои сме. Треба да ја имаме повеќе, а не помалку“, вели таа, гневна на идејата младите да се буткаат само кон професии кои им гарантираат добри плати.
Се согласува и Мајкл Вуд, еден од најзаслужните англиски историчари за популаризирање на историски теми во пошироката јавност.
„Не можете да го разберете светот без историја. Ужасна е идејата таа да не биде достапна и да не биде понудена на обичниот народ,“ вели тој.
Според Ричард Еванс, поранешен професор на Кембриџ и автор на бестселери за ерата на Хитлер, заедно со мајчиниот и другите јазици, историјата е срцевина на образованието. По него, погрешно е на историјата да се гледа само како на колекција на факти кои треба да бидат инсталирани во младите луѓе за тие да станат патриоти. Изучувањето на историјата значи младите да се опремат со низа критички вештини неопходни за навигирање низ модерниот живот и случувања, порачува Еванс.