Многумина кон пандемијата се однесуваат како да е тоа некоја војна против микробите која ќе биде добиена со постојани офанзиви и геноцид на сите можни патогени на секоја можна површина. Улици се прскаат со некакви течности, теретани ветуваат дека секој тег им е редовно дезинфициран, до скоро на влезовите во нашите градовите постоеа пумпи кои ги шприцаа колите, небаре коронавирусот на раткапни го носиш.
Бадијала трошење време, енергија и пари.
Ако после 11-ти септември, САД и светот се претворија во безбедносен театар во кој намуртени униформирани фаци темелно претресуваа баби во меѓуножја за да не носат некој експлозив, ковид пандемијата ги инспирираше луѓето на хигиенски театар во кој се опседнуваат со ритуали за намалување од кои се чувствуваме побезбедни но кои реално не прават многу за вистинско намалување на ризиците.
Во мај, американскиот центар за заразни болести и превенција порача дека допирањето површини не е еден од битните начини на кој се пренесува болеста.
"Во целокупната досегашната рецензирана и верификувана литература за ковид-19 постои само една студија - за Сингапур - во која се навестува заразување преку допир на заразени површини, а и таа студија не е најубедлива," вели Дејвид Шафнер, професор по микробиологија од Универзитетот Рутгерс.
Трансмисија на вирусот преку површини - кваки, писма, кеси од самопослуга, гелендери - е можна но е исклучително ретка. Ама затоа некаде во март, медиумите беа полни со известувања за студии кои викаа дека вирусот останува толку и толку време на метал, на хартија, на пластика...
Требаше да дојде јули па со студијата на доктор Емануел Голдман објавена во Лансет, ваквите заклучоци да се демантираат, односно да се сообразат со реалноста.
Клучниот проблем на тие алармантни студии, бил тоа што се базирале на нереално големи концентрации на вирусот. Голдман објаснува, отприлика како сто заразени луѓе да се искашлале на исто место на масата кое тоа некој ќе го фати па ќе бутне прст во нос.
Ама па, добри наслови се вадеа од тој научен сензационализам.
Препораката за миење останува на сила иако Мајкл Остерхолм уште кај Џо Роган призна дека малку се неискрени околу ефикасноста на сето тоа, ама дека мора на луѓето да им се понуди некој (добар) ритуал заради самодоверба.
Главна алатка против коронавирусот во моментов се маските (за кои на почетокот тврдеа дека се непотребни) иако и за нив ќе најдете експертски мислења дека и нивното носење е чиста психологија која само дава лажно чувство дека човек е заштитен.