40 години од првиот албум на Рамонс

Во време кога градот им се распаѓа, улиците се полни со ѓубре и криминал а на младите им се нуди радосна забава и безгрижност, четворица маалски ајвани на кратко излегуваат од задимениот CBGB и влегуваат во студио. Таму нема да се задржат долго ама ќе траат до денес, иако сите од нив веќе се одјавија.

Својот деби албум Рамонси го снимаат во јануари 1976, за вкупно 6.400 долари и седум дена. Три дена за инструменталниот дел, четири за вокалите. Се снимило брзо не само заради буџетските ограничувања, туку просто, готови биле. Рамонси ни знаеле ни сакале подобро од тоа.

А подобро "не би ни ваљало".

Во тоа време Њујорк е една од најнеподносливите метрополи на светот, задушена од ѓубре заради познатиот штрајк на ѓубреџиите, со огромна стапка на криминал, град од кој дига раце и претседателот Џералд Форд кој одбива со федерални резерви да го спаси од банкрот и му порачува на градот "да цркне". Њујорк во тоа време е една огромна депонија која се распаѓа и мириса на бесперспективност.

Ама, "где је бесперспективност, ту су и млади" би рекол некој Броз од Бронкс. Рамонси беа таму за тој безизлез да го забележат без многу поетско мудрување.

"Now I wanna sniff some glue
Now I wanna have somethin' to do"

(RAMONES – Now I Wanna Sniff Some Glue 1976)

Рамoнси имаат што да прават па ги снимаат 14-те песни од својот прв албум точно по оној распоред по кој со месеци ги свират во култната дупка CBGB. И тоа ќе го прават и со следните два албуми што заедно го чинат главниот триптих на нивната музика -  секој албум по 14 песни, по 7 од двете страни, чиста работа.

А песните брзи или намерно забрзани (повеќето од нив со над 160 BPM) и кратки, меѓу две и двеипол минути. 'Најсимфонична' им е "I Don't Wanna Go Down to the Basement" - цели 2,40! Но, внатре многу месо, многу град, многу Њујорк: клинци кои дуваат лепак од немајкаде, дечко кој бива претепан од што знае да нервира луѓе, машка проституција по улични ќошиња, неколку навестувања на хорор сценарија. Автентично, искрено и право во глава.

Сега се чини тоа како концепт иако тогаш, се разбира, четворицата Рамонси немале абер од тоа. Ди Ди и Џони се запознаваат како двајца млади отпадници од Квинс кои пробуваат да бутнат глава во некоја група. Џои го викаат подоцна бидејќи им се бендисувал неговиот вкус. Златната формула се раѓа кога Ди Ди (кој ги пишува повеќето текстови и доста од мелодиите) сфаќа дека не може истовремено и да го држи басот и да пее, па високиот и кракат Џои мора од бубањ да прејде на микрофон. На Ди Ди му останува меѓу песните да го извикува бубњарскиот пасворд: one-two-three-four! а во Џони го имаат еден од нејефикасните гитаристи на сите времиња.

Името им е инспирирано од фактот дека кога не сакал да биде препознат, Пол Макартни во хотели се пријавувал под псевдонимот Пол Рамон. А и го сакаат звукот на раните Битлси, искрен и наивен, комплетно спротивен од помпезните квази-хипи стадионски бендови.

Тоа е време во кое музички доминираат Беј Сити Ролерс, Осмондс и куп други имиња со понуда од еуфорично позитивна музика која како на копче треба да ја орасположи младината. Против таквата дифолтно весела и забавна младост се Рамонси кои со своето на прв поглед паролашко извикување навивачки слогани внесуваат лузерство од комшилукот, минималистички концепт, искрено пеење за работи што се познаваат и гласно свирење кое не може да биде игногирано.

Тоа им го признааваат три децении подоцна кога биваат примени во Рокенрол алејата на славните во 2002 во кој се забележани како бендот кој рокенролот 'од помпезен и нарцистички го направи базичен'. А се чини дека дел од нивната автентичност се должи и на тоа што се комплетно американски производ кој го дели својот свет со Стуџис, MC 5, Њујорк долс, Лу Рид, Ворхол.... и во кој нема ни ронка од она напнато "уметничарење", карактеристично за Европа.

Омотот на овој прв албум е еден од најкопираните омоти во историјата. Разбирливо - пар билмези кои не знаат што да прават со себе, ќе застанат со бланко фаци пред стар ѕид од цигли. А што друго да им смислиш? Не дека Рамонси не пробале поинаку. За својата првична идеја фукнале големи пари (2.000 долари) за фотосесија во која сакале да направат своја верзија на омотот на Битлси од албумот "Meet the Beatles!"

Парите се дале, фотосесијата се одржала но идејата комплетно пропаднала бидејќи, како што подоцна се сети еден од фотографите "Да ги тераш Рамонси да позираат е мачно како да вадиш заби". Фотката што ја знаеме како омот е купена за 125 долари од Роберта Бејли од магазинот Панк.

Нивното влијание е формативно за огромен дел од британскиот панк, од Секс Пистолс, Базкокс, Клеш, Блек Флег, Мисфитс.... па сè до Грин Деј чиј пејач за Рамонси рече дека "имаат песни кои ти се забодуваат во глава, како некој со токмак да ти ги набива во мозок". На овие наши регионални простори нивниот дух и бескомпромисност поштено го сееја царевите од КУД Идијоти.

 "Рамонси немаа што да измислат па се измислија самите себе," вели по повод јубилот на албумот кој смени многу работи во историјата на музиката, белградскиот музички критичар Драган Амброзиќ.

Рамонси се распаднаа во 1996-та имајќи во џебот отприлика онолку колку што имаа и на почетокот. Денес сите четворица се мртви. Откако покажаа како музиката може да се освои со блицкриг.

3 април 2016 - 10:31