Најголемите британски ланци во Велика Британија минативе месеци мораа да се правдаат зошто стоката ја продаваат толку евтино. Како може маица да кошта 2 или 3 фунти и каде е тука заработката, беа прашувани од парламентарниот одбор за екологија кој си даде задача да ја расветли улогата на брзата мода на животната средина.
Во нивниот извештај се наведува дека модната индустрија годишно произведува милион тони отпад и дека тоа е поголем извор на јаглерод диоксид отколку воздушните и пловните објекти заедно.
Сослушувајќи 16 компании, британските парламентарци констатирале дека преземаните мерки за заштита на околина се поништени со самиот факт дека во последните 6 години продажбата на облека за зголемила за 200.000 тони и дека нејзиниот животен циклус е пократок од кога и да е - во просек трае само две години
Една од мерките е да се додаде по некое пени на секое парче облека кое би одело за рециклирање на тој отпад. Во моментот се рециклира само еден процент од фрлените крпчиња. А се верува дека би помогнало и ако во школите се вратат некои стари вештини - учениците да научат дека нешто може и да се скрпи и сошие, наместо да се фрла.
Но останува и фактот дека сè додека е нешто евтино, тоа ќе биде третирано како нешто за еднократна употреба. Професор од лондонскиот моден колеџ вели дека маица прописно изработена по еколошки и производни стандарди не може да се произведе ни за 6 фунти, а не па за две, колку што на пример ги продаваат Прајмарк и други.
Британците годишно фрлаат гардероба во вредност од 140 милиони фунти. Секоја недела купуваат 38 милиони парчиња а 11 милиони фрлаат во канта. Во просек годишно во ормарот внесуваат 26,7 килограми нова облека што е повеќе од двојно од Швеѓаните кои се товарат со 12,6 килограми.