Според Бафет весниците ги чека неизбежно затворање и крај на постоењето бидејќи Гугл и Фејсбук константно им земаат се поголем дел од приходите.
Анализата на Бафет е дека весниците имаат многу поголем проблем кој не може да се реши со претплата затоа што не се работи само за пари туку кај публиката повеќе нема интерес за нив, бидејќи потрошувачите некогаш купувале весници не само заради вестите, туку и за рекламите и огласите. Благодарејќи на овие два сегменти весниците во тоа време се столб на информации околу вработување или понуда на недвижности, сектори кои денес се преземени од сервиси како Крегслист.
„Луѓето во редакциите се вознемируваат кога ќе им го кажеш ова, ама рекламите беа најважните уреднички содржини од гледна точка на читателот,“ изјавува Бафет.
Меѓу 2006 и 2016 приходите од реклами на весниците паѓаат на речиси една-третина од она што некогаш биле, па денес американската новинска индустрија собира 18 милијарди долари во приходи од реклами, споредено со 49 милијарди долари во 2006.
Инаку компанијата на Бафет, Беркшир Хатавеј, има насобрано портфолио од 30 дневни весници и 47 неделни магазини. Иако со прилично мрачни предвидувања, Бафет не е нешто посебно уплашен околу својата инвестиција, бидејќи како што објаснува весниците ги има купено по разумна цена.