Наместо раскошните и по ресурси беспоштедните фотосесии, сликите во новиот број се замените со илустрации од најразлични уметници. Како што ќе објасни уредникот Емануел Фернети ова во пракса значи заштеда во загадување од 20 авионски лета и десетици патувања со воз, кои во просек се потребни за една фотосесија. Плус, не се ангажирани 40 возила со кои обично располагаат за овие потреби, плус не се испорачуваат 60 кутии со облека и додатоци. Бонус на сè е што ваквата заштеда на отпад по повеќе основи е преточена и во финансиска заштеда, која ќе биде донирана во фондот за реставрација на еден музеј кој настрада во поплавите во Венеција.
Слабата страна на ваквата ПиАр парада е што таа не нуди никакви долгорочни решенија. Следниот број повторно ќе биде во регуларен формат и со регуларни фотки, и тогаш „што треба да прават потрошувачите кои сега дознаа колку загадува една фото-сесија? Да го бојкотираат Вог или да ги бојкотираат сите модни магазини?“
„Уште поважно, оваа речиси и не задира во многу поголемиот проблем со загадување од модната индустрија - што Вог, како еден од највлијателните елементи на таа индустрија, го шири. Модниот сектор е одговорен за 8% од вкупното глобално влијание врз климатските промени - што е повеќе од целиот бродски товарен транспорт и меѓународни авионски летови заедно. Секоја година тој троши 98 милиони тони необновливи ресурси.
Дел од причината зошто модната индустрија има толкаво претерано влијание врз околината е затоа што таа создава далеку повеќе облека отколку што им е потребно на потрошувачите. Само во 2015 се произведени над 100 милијарди парчиња облека - за 7 милијарди луѓе - и таа бројка расте секоја година. Просечната жена има 150 парчиња облека во плакар, а најголем број од нив ќе бидат носени неколку пати пред да ги фрли.
Значителна причина за ваквото претерување е што модната индустрија се базира на бескрајниот циклус на нови трендови. Тука модните магазини се директно одговорни. Вог, како што неговото име кажува, е посветен на дефинирање на стилот што е актуелен. Тој постои за промовирање на убавина и креативност, и тоа го прави со идентификување на нови трендови (и прогласување на други за застарени). Упадливата консумација е вградена во неговото ДНК,“ пишува Елизабет Серган во текстот за Фаст компани.