Цел петок навечер и почетокот на саботата, Сиенен Турк не престана со емитување на програмата. Ова беше телевизијата на која Ердоган преку Фејстајм се обрати во живо на нацијата да излезе на улиците и да им се спротивстави на пучистите (еден од клучните пресврти вечерта), и телевизијата што емитуваше програма (со празно водителско столче и со звуци од тепање во позадина) дури и откако војската влезе во неа.
Речиси 20 минути откако премиерот Бинали Јилдирим објави дека во државата се случува воен удар, пучистие испратија меил до сите новинари во кој ги објавија своите намери: "Турските вооружени сили комплетно го преземаа управувањето на земјата со цел воведување на уставен ред, човекови права и слободи, владеење на правото и општа безбедност која беше нарушена."
"Дузини новинари на Сиенен Турк во овие часови работеа на адреналин, веќе истоштени и неспиени од покривање на нападот во Ница од претходната вечер.
Тежината на настанот почна да им станува јасно дури откако нивната водителка од студиото во Анкара, Ханде Фират, успеа на телефон да го добие Ердоган некаде околу 30 минути по полноќ. Тој со години немаше дадено интервју за Сиенен Турк. Меѓутоа сега, изненадно, тој го прифати барањето. Фират со него зборуваше на Ајфонот, преку кој претседателот ги повика своите симпатизери да излезат на улиците и да ја преземат контролата над аеродромите.
Повеќемина го опишаа разговорот како точка на пресврт, како што објаснува главниот продуцент на телевизијата, Алисер Делек: 'Војниците веќе беа излезени и беше многу опасно да се повика народот да излезе на улица. Ама ако им речеше на луѓето да останат смирени и на безбедно, тогаш што ќе се случеше'" пишува Дарагахи.
Некаде околу 3 часот наутро на паркингот на Сиенен Турк во предградието на Анкара, во истиот комплекс се наоѓа и седиштето на Хуриет и Канал Д, слетува воен хеликоптер Сикорски. Трите медиуми се дел од Доган холдинг групацијата, врз која Ердоган и неговите сојузници постојано се обидуваат да извршат притисок. Минатото лето за време на парламентарните избори, симпатизери на Ердоган два пати упаѓаат во канцелариите на Хуриет.
Како што војниците се истоваруваат од хеликоптерот, персоналот на телевизијата почнува да се подготвува за преземањето, посебно за обидот да се изгаси програмата. Ердоган Акташ, менаџерот на станицата, од техничарите бара да внесат код во опремата кој ќе го спречи евентуалното гасење на директниот пренос. Тој исто така ги организира новинарите да користат Фејсбук Лајв за да емитуваат видео директно на ФБ страната на телевизијата на која имаат 1,4 милиони следбеници.
Кога пучистите влегуваат во телевизијата, веднаш го наредуваат прекинувањето на преносот. Тогаш новинарите и останатите вработени се спротивставуваат за да му помогнат на Акташ во спроведување на планот. Тука настанува туркање и галама.
"Младите војници, кои изгледаа како да се неодамна регрутирани, очигледно не знаеја што прават, ниту пак дека канцелариите на Сиенен Турк беа на третиот кат.
Подоцна пристигна еден офицер - нивниот командант. Според сведоците, тој, за споредба, точно знаеше што прави. Тој веднаш ги однесе војниците на третиот кат, праша каде е контролната соба, и побара сите веднаш да ја напуштат зградата. Тогаш продуцентите сфаќаат дека повеќе не може да се дава отпор, и им кажуваат на своите вработени да излезат од објектот.
Меѓутоа преносот во живо продолжува. Акташ на себе има закачено и вклучено безжичен микрофон, преку кој на гледачите им дава апдејти во живо. Милиони луѓе го гледаат празното студио и го слушаат гласот на Акташ: 'Војниците пристигна,' 'сега ни наредуваат да излеземе'," пишува Дарагахи за вечерта на пучот.
Ова се моментите кога се појавува полицијата, која цела ноќ остана лојална на владата, и се обидува да ги приведе војниците. Кратко по ова пред портите на студиото се појавува толпа од 200 гневни симпатизери на Ердоган кои бараат да влезат во телевизијата и да ги земат војниците, "новинарите на Сиенен Турк немаат илузии дека толпата е дојдена заради заштита на правата на медиумите."
Тензијата експлодира кога се слуша истрел од зградата, кој го распарчува стаклото на катот над лобито. Тогаш полицијата се обидува што е можно побрзо да ги приведе војниците, пред тие да бидат дофатени од гневната толпа.
По некое време полицијата успева да воведе ред, а Акташ на преостанатите вработени некаде околу 4 часот наутро им најавува дека ќе продолжат со редовна програма.
Во тие моменти никој не може да го најде водителот, па во столчето седнува Акташ. 36 часа по завршување на пучот, вториот кат од зградата, во кој се судрија полицијата, гневната толпа и војниците, е полн со мајстори кои го реновираат.
"Дури и кога војниците, полицијата и гневните луѓе почнаа да доаѓаат ние моравме да продолжиме. Сфаќам дека ова беше правилна постапка. Покажа дека новинарството е есенцијално за демократијата," изјавил 36-годишниот Делек.
Снимка од упаѓањето на толпата во зградата на Сиенен Турк: