Победникот на изборите во САД ќе го објави Асошиејтед прес

На крај од турбулентна кампања во која секој медиум има свој кандидат па соодветно крши кичма во тој правец, остана на новинската агенција Асошиејтед прес да биде столбот на точноста и вистината околу резултатите од изборите во САД. И Асошиејтед прес за оваа улога ангажираше 4.000 репортери.

Асошиејтед прес нема да го предвиди победникот на претседателските избори, ниту ќе го именува очигледниот или најверојатен победник, туку ќе соопшти само кога победникот ќе биде сигурен „како што тоа го прави на сите избори од 1848“.

„Ако не постои начин на кој кандидатот што заостанува може да го надомести минусот, нема правен начин, нема математички начин, тогаш трката во основа е одлучена.

А ако има каква била несигурност, или има доволно непреброени гласови кои можат да го сменат резултатот, тогаш нема да објавуваме победник,“ изјавува извршната уредничка на АП, Сали Базби.

На изборите во САД се гласа за претседател, плус 35 места во Сенатот, 11 гувернерски позиции, 435 конгресни позиции и уште 6.000 законски предлози или позиции на најразлични нивоа на власт низ САД.

Претходно, АП на својот сајт порача дека „прогласувањето победник од другите организации нема никаква тежина кога АП прогласува еден кандидат за победник. Нашиот тим што ја носи одлуката не влегува во дебата со која било кампања или кандидат.“

Целата операција на АП се базира на 4.000 локални новинари низ САД, кои ги добиваат резултатите од гласањето од службениците од секој округ во 50-те сојузни држави. Локалните репортери по телефон ги пренесуваат бројките до дата центрите на АП, каде над 800 лица ќе бидат ангажирани за регистрирање на бројките, нивна проверка и консултација со репортерите на терен во случај на каква било аномалија, пред тие да бидат внесени во системот на АП.

За секоја сојузна држава АП назначува одговорен за прогласување на победници, кој ги проверува добиените бројки со аналитичар во тимот на АП во Вашингтон, за да утврди дали некој може да биде прогласен за победник. Според Базби секоја одлука треба да ја потврдат двајца уредници. Кога ќе дојде време да се прогласи победник на претседателската трка, таа одлука треба да ја одобри шефицата на вашингтонската канцеларија на АП, Џули Пејс.

Бројките од АП стандардно ги чекаат големи новински организации како Ен-пи-ар и Пи-би-ес, а медиуми како Њујорк тајмс, Вол стрит журнал, Вашингтон пост и Фокс њуз ги користат податоците од АП во составувањето на својата процена. Резултатите од АП ќе бидат официјално користени и од Гугл во сервисот за покривање на исходот од изборите.

Она што е карактеристично за САД е дека немаат национална изборна комисија, туку новинските медиуми ја преземаат улогата за прогласување на победникот.

Во 2016 АП беше првата новинска организација што го прогласи Доналд Трамп за победник на изборите, објавувајќи во 2:29 по источно време „Доналд Трамп избран за претседател на Соединетите држави.“

Во 2000 АП не прогласи победник во трката меѓу Џорџ Буш и Ал Гор, откако одлучи дека разликата меѓу двајцата е премногу мала за да може да се донесе одлука. Тогаш, задачата за прогласување победник падна на Врховниот суд на САД.

За веројатноста дека победник ќе биде прогласен доцна вечерта на 3-ти или во раните часови од 4-ти ноември, Базби порачува дека тоа може да се случи само ако „еден од нив има голема предност и имаме претстава колку гласови по пошта остануваат непреборени, па тогаш би можел да се прогласи победник. Ако е тесно, ќе биде подоцна.“

Откако ќе го прогласи победникот, АП ќе објави статии за тоа како дошле до тој заклучок „за да се тргне секаква мистериозност околу процесот и никој да не мисли дека нешто тајно се случува.“

3 ноември 2020 - 00:36