Според предложениот закон, новинар е "вработен, независен хонорарец или агент на некој ентитет кој распространува новости или информации... (кој бил) бил вработен барем една година во последните 20 години или три месеци во последните 5 години."
Дефиницијата ја снајде очекувана судбина; многу за и многу против:
- Политико, веб сајтот кој од 2007-ма ја следи политичката елита на Вашингтон, дефиницијата ја пофали како "чекор напред кон независни и нетрадиционални медиумски организации."
- ЕФФ (Electronic Frontier Foundation), организацијата која бара заштита на слободниот говор на интернет, се жали дека таа не нуди доволно заштита за независните блогери, повторувајќи го поранешниот аргумент дека "Конгресот треба да го поврзе законот за заштита со практикувањето на новинарство а не со професијата."
Дебатата во Сенатот околу тоа кој е "новинар" се покрена по аферата со Викиликс, чии активности истовремено беа дефинирани и како новинарство и како шпионажа. Проширувајќи ја дефиницијата за новинар значи и проширување на правната заштита што ја добиваат новинарите.
"Не можам да поддржам ако секој што има блог има и специјални привилегии... или ако Едвард Сноуден седне и почне да пишува, тој би имал привилегија. Не сакам да одам до таму," изјавила сенаторката Дајан Финстајн.
Дебатата за тоа кој е новинар е дебата за новинарската привилегија. Меѓутоа во економија на престиж, привилегијата да се заштити доверливоста на изворите не е единствената привилегија во игра.
Новинарството се почесто е професија во која можат да влезат само богатите. Тесната дефиниција на "новинар" со оние кои се поврзани со етаблирани новински организации не ја дава правната заштита не само на организации како Викиликс, туку и на писатели и блогери кои не можат да си дозволат претерани акредитиви или неплатен стаж кој овозможува влез во занаетот.
"Новинарите кои можат да ти раскажат приказна - приказната за урбаната Америка - веќе нашле работа во маркетинг додека своите мислења ги шират по блоговите," пишува хонорарецот Дејвид Денис. Откако започна рецесијата во 2008-ма, расната разноликост во медиумите опаѓаше, додека половиот дисбаланс остана висок. Блогерите за кои Денис зборува би немале никаква правна заштита според дефиницијата на Сенатот.
Кого би заштитила дефиницијата на Сенатот? Новинарите вработени во етаблирани публикации, кои генерално се бели мажи што доаѓаат од привилегирани семејства - категорија на луѓе која има малку интерес да го критикува естаблишментот кој е во нивна корист. Дефиницијата на Сенатот ги заштитува луѓето на кои тоа најмалку им е потребно.
Цената на новинарството денес
Што е потребно да се успее денес во новинарството? За канадската писателка Александра Кимбал, тоа е неочекувано наследство. Единствено неочекуваната финансиска среќа ја овозможи нејзината кариера како хонорарец.
"Да пишуваш на овој пазар не бара само пари, туку концепт на 'работа' кој најлесно се добива од привилегија. Бара чувство дека нешто ти следува на тебе... и бара од тебе да мислиш за работата за без пари - како практикант да речеме или на некој од оние гратис задачи што сега насекаде ги има - како шанса наместо како навреда или измама," пишува Кимбал.
Како што дигиталните медиуми им даваат глас на повеќе автори, така и квалификациите за новинарската работа станаа поригорозни и зависни од богатството. Ова е вака насекаде во светот. Во 2009-та, просечната цена на студиите по новинарство, често предуслов за вработување во САД, беше 31.000 долари. Некои Универзитети наплаќаат над 50.000 долари, кои заедно со трошоците за живот можат да стигнат и над 80.000 долари. Извештај на британската влада покажа дека во Британија, новинарството е третата најексклузивна професија за влегување.
Предоминантноста на привилегијата доведе до распаѓање на новинарските стандарди. "Луѓето кои имаат време да се зафркаваат наоколу за без пари се луѓе кои веќе имаат многу (пари). И ако тие се новинарите на иднината нашите медиуми најверојатно ќе изгледаат како естаблишментот да зборува сам со себе, а во тој случај на сите ќе ни биде полошо," пишува новинарот Џејмс Блодворт.
Почетните работни позиции во новинарството се заменети со стажирање на полно работно време или други видови на стажирање. Денес луѓето работат за можноста да работат, чекаат да бидат земени во предвид како доволно добри за да бидат вработени од работодавците под кои веќе работат.
Во текот на минатата деценија, најголем дел од стажирањето во новинарството не беше платено. Дури и The Nation, магазин познат за неговото пишување за злоупотребите на работниците, им плаќаше на своите стажанти помалку од минималната плата се додека тие не направија штрајк. Сега тие ќе заработуваат минималец - плата која, во Њујорк, се уште ги исклучува најголемиот дел од апликантите. Само богатите можат да си дозволат да пишуваат за богатите.
Протестите против неплатеното стажирање - и неплатеното пишување, пракса честа во публикации како Атлантик и Хафингтон Пост – постојано се зголемуваат. Но најголемиот дел од новинарите остануваат ранливи. Многумина немаат постојано вработување со здравствена заштита или плата потреба за живот. Сега, според дефиницијата на Сенатот, ним може да им фалат и законските права за да го прават ова.
Во економија што е оволку нестабилна, нема такво нешто како фиксен професионален идентитет. Можноста да се заштити доверливоста на еден од изворите не треба да се базира на такво нешто.
Нееднаква плата
Проблемите на новинарството се показател за пошироки трендови во економијата на престиж. Во повеќе професии, работниците извршуваат речиси идентични задачи за радикално различни плати.
Во високото образование, редовен професор и привремен можат да предаваат исти предмети и да објавуваат исти журнали, но само вториот ја заработува минималната плата. Во политиката, неплатените стажанти често пишуваат и истражуваат за студиите за кои нивните добро компензирани претпоставени го добиваат целиот кредит. А во новинарството, хонорарците често не добиваат ништо додека луѓето од редакција на нивно ниво заработуваат богати плати.
Звањето може ќе одреди дали новинарот ќе може да го задржи своето право на доверливост. Ама звањето е произволна мерка. Тоа не покажува толку професионализам колку престиж, толку етика колку влијание и среќа.
Во економија во која редовните работници се заменети со работници на одреден период, лесно е да се изгуби нечија професионална поврзаност, и бенефициите - материјални и репутациски - што таа ги обезбедува. Многумина не се дефинираат себе си како еден работа, туку се движат во и надвор од различни професии, борејќи се најдат каква можат работа.
Кели Џ. Бејкер, со објавени докторски трудови, како привремен професор на конференција и беше речено дека таа "не е вистински академик," бидејќи и недостасува стаж како редовен професор. "Што треба да им кажам сега на моите студенти? Ве молам игнорирајте ме додека јас размислувам за мојот недостаток на реалност? Не ме слушајте мене бидејќи јас не сум важна?" се присетува Бејкер на тоа време.
Дефиницијата на Сенатот за новинар ги наметнува истите стандарди и за слободните автори и репортери: не ги слушајте нив бидејќи тие не се важни. Не ги заштитувајте нив, бидејќи она што тие го нудат не вреди да се заштитува - иако може да е вредно за да се тужи.
Кредибилитетот не е нешто што може да се купи, ама акредитациите можат. Користејќи ја афилацијата како критериум за дефинирање на "новинар" значи дека единствено привилегираните ќе ја добијат новинарската привилегија. Целта на Сенатот може е Викиликс, ама нивната предложена одлука де факто ги става во пониска група авторите кои се исклучени заради економски причини.
Новинарите од претходните генерации работеа од долу нагоре. Денес, од новинарите се очекува да започнат со елитен статус и да прифатат дека нивните плати паднале на речиси ништо.
Резултатот е дека новинарството е професија во која мнозинството Американци не можат да си дозволат да влезат. Сенатот не треба да може да одлучи кој е новинар, кога луѓето кои тие ги преставуваат и самите не можат да одлучат.