Едната страна од канцеларијата е со прозори од под до таван, на останатите ѕидови на канцеларијата поставени се табли за пишување прекриени со компликувани дијаграми. Во центарот е кластер десктоп и лаптоп компјутери кои никогаш не биле вклучени на интернет, за да може да бидат употребени за безбедно зачувување на 13,4 милиони фајлови (1,4 терабајти податоци).
Овие податоци минатата година се протечени до двајцата новинари на весникот Бастијан Обермајер и неговиот колега Фредерик Обермаиер. На 5-ти ноември тие беа објавени како Рајските документи.
Во координација со ИЦИЈ (International Consortium of Investigative Journalists) на протечените информации од компанијата Еплбај работат 381 новинар од 67 држави. Во Зидојче цајтунг 10 новинари се дедицирани на проектот, кои за ова не зборуваат ниту со своите колеги.
Рајските документи се вториот по големина пакет на протечена документација и заостануваат само зад Панама документите, кои во 2015 исто така беа протечени баш до Бастијан Обермајер.
Елизабет Зерофски од Њујоркер добива и мини презентација на алатките изработени од ИЦИЈ што новинарите ги користат во истражување на документите.
Во случајот на Најк и разоткривањето на целата тајна операција за избегнување данок, сите новинари одат да купат по еден пар патики од продавници на брендот во речиси 10 земји низ Европа. Користејќи ги даночните броеви на фискалните сметки што ги добиваат и информациите добиени од протечените документи, тие успеваат да утврдат дека приходите од продажбата не остануваат во земјата каде што патиките се продадени, туку се префрлаат во Холандија, еден од даночните раеви на Европа.
Она што Зерофски сака да го дознае од Обермајер е како „тој и неговиот весник станаа приматели на историските протечени материјали, и во центарот на овие огромни, 1-годишни истраги на меѓународни финансиски текови.“
Обермајер приказната ја почнува од 2012 кога неговиот весник Зидојче цајтунг решава да се приклучи на ИЦИЈ проектот за Офшор ликс, „првиот во серијата истражувачки проекти кои го поплочија патот до Панама документите, а сега и Рајските документи“. Обермајер, тогаш се уште нов во истражувачкото новинарство, како новинар во магазин е префрлен во истражувачкиот одел со цел да го унапреди стилот на пишување на тимот. Додека ги истражува документите од Офшор ликс наидува на името Мосак Фонсека, панамската адвокатска канцеларија ко-основана од адвокатот со баварско потекло Јирген Мосак, кој се сели во Панама на почетокот од 1960-те заедно со својот татко, инаку поранешен член на нацистичкиот СС.
Тој признава дека човекот што му ги испорачува Панама документите, прво се обидува да го привлече вниманието на неколку големи меѓународни медиуми, пред да се проба со Зидојче цајтунг. Првиот документ што Обермајер го добива од изворот на прв поглед не е новинарски интересен. Она што Обермајер забележува е дека документот доаѓа токму од Мосак Фонсека, за која тој знае дека функционира во екстремна таинственост. Размислувањето на Обермајер е „ако некој дошол до податоци од Мосак Фонсека, тоа може да биде многу интересно. Ваквото претчувство на Обермајер подоцна завршува со Панама документите.
Она што посебно го радува околу Рајските документи е што сега има и американски имиња на список, што беше најголемата дамка на Панама документите, кои според списокот имиња во него наликуваат како заговор организиран од страна на Западот.
Обермајер споменува и еден извештај на американските тајни служби во кои се тврди дека Путин верува дека Панама документите се напад против Русија - а во истиот извештај се претпоставува дека наводната интервенција на Русија во американските претседателски избори е некаков вид на одмазда.
„Кога ќе видиш дека Њујорк тајмс пишува дека нешто кое започнало кај тебе во дневна соба довело до Доналд Трамп, тогаш не знаеш што да мислиш околу истото.
Не дека верувам дека е точно, ама за момент, ако го прочиташ, тоа е вон контрола. Знаеш дека тоа е нешто што си го започнал, и не можеш да го вратиш назад,“ изјавува Обермајер.
За својата работа на Панама документите, Обермајер годинава доби Пулицерова награда.