Ник Хопкинс и Сајмон Бауерс од Гардијан ја опишуваат целата шема на Најк за избегнување данок врз основа на она што го имаат откриено во Рајските документи:
- Патиките на Најк се произведуваат во Виетнам и Индонезија. Од таму се испорачуваат во монументално масовниот магацин на компанијата во Лакдал, Белгија. Ова е централата од каде што се дистрибуираат сите патики на Најк.
- Ако купиш Најк, пример во Лондон, логиката е дека парите ќе одат во британската филијала на компанијата, Најк УК. Во реалност работите не се така логични, па парите од продажбата во Британија одат директно во Холандија.
- Холандија (како земја и закони) и посебно две компании се важни за целата холандска операција на Најк. Моментално компаниите плаќаат одреден данок на речиси 8 милијарди долари годишен приход од продажбата на Најк во Европа, Блискиот Исток и Африка.
- Меѓутоа, од 2005 до 2014, Најк без проблем префрла огромни суми пари од Холандија на Бермудските острови, кој е оф-шор даночен рај со нула данок. Најк ова го прави преку филијалата на Бермудските острови, Најк интернешнл, која ги има интелектуалните права за брендовите патики на компанијата. Иако оваа филијала нема ниту вработени, ниту канцеларии на Бермудските острови, таа секоја година наплаќа огромни надоместоци за авторски права од европската централа на Најк (во која се влеваат парите од целата продажба). Овој надоместок му дозволува на Најк легално да го префрли профитот од централата во Европа на Најк интернешнл на Карибите.
(Целата борба е околу оданочување на профитите на мултинационалните корпорации, па ако немаш профит, односно си го потрошил на плаќање авторски права - макар тоа било и сам на себе - нема ни што да ти даночат.)
- Во 2014 Најк мора да ја менува стратегијата, бидејќи постојниот договор со Холандија за даночно попуштање е пред истекување. Решението е да се направи нов договор, кој повторно успеваат да го постигнат со холандските власти.
Ова предвидува префрлање на интелектуалната сопственост од Најк интернешнл на Бермудските острови, на Најк иновејт ЦВ, компанија која не е базирана на Бермудските острови, ниту пак на кое било друго место на светот. (ЦВ е структура предвидена од холандските закони, како ограничено партнерство.)
- Со ваков статус Најк иновејт е вон дофатот на холандските даночни власти, а и на американските даночни власти, иако Најк е компанија регистрирана во САД со седиште во Портланд. Најк иновејт нема даночна резиденција никаде во светот.
- Во мај оф-шор купот пари на Најк изнесуваше над 12 милијарди долари, а глобалната даночна стапка на компанијата паѓа од 34,9% во 2007 на 13,2% минатата во 2016.