Самиот Гугл се обидува да ги одбегне овие негативни термини. Компанијата има направено експериментална новинска редакција во Сан Франциско, која го следи првенството, а потоа ги претвора популарните резултати од пребарувањата во вирална содржина. Сето тоа со голема доза уредничка пристрасност, во корист на позитивно обоените информации.
Додека милиони луѓе беа фиксирани на телевизорите следејќи го натпреварот, вработените во Гугл го следеа она што се случуваше на компјутерските монитори, собирајќи податоци од доверливите, внатрешни бази на податоци на компанијата, за да видат што пребаруваат луѓето во моментот.
Излегува дека во Бразил во текот на натпреварот се пребарувала популарна навивачка химна, која ги содржи стиховите „Бразил, покажи ја својата сила". Но тоа било само до петтиот примен гол. Во тој момент терминот „срам" почнал да се искачува на листата. Првите педесет резултати од пребарувањата од Бразил вклучувале изрази од типот „Бразил, каков срам" или „Во моментов е срамно да си Бразилец".
Во Германија во истиот момент луѓето спокојно пребарувале еден обичен факт, за тоа која била највисоката победа на светските првенства на сите времиња. Само во текот на првото полувреме тоа прашање во Германија се појавило 370 пати.
Тимот истражувачи одлучил токму ова прашање, односно овој фактоид, да го промовира како тренд на денот, пуштајќи го да циркулира на влијателни сајтови и социјални мрежи како Твитер и Фејсбук, за да се зголеми неговиот досег вон сопствената мрежа на компанијата, Гугл+.
Но истовремено тој направил избор што да НЕ биде објавено и промовирано, а тоа е трендот кој владеел на бразилската страна. Причина: тој едноставно содржи ставови и емоции кои се пренегативни, и кои според уредниците не треба да бидат дополнително поттикнувани, како ставање сол на рана.
Ова е сосема спротивно од логиката на повеќето новински редакции, според која негативната вест продава (if it bleeds, it leads). Оваа на Гугл се фокусира на „чешлање" на големиот куп податоци, во потрага по настани, мисли и идеи кои наместо да ти го замрачат денот, ќе те усреќат, или барем нема ти направат да ти биде полошо. Нешто што звучи како одлична идеја. Сè додека не би било злоупотребено во полза на "брилијантноста на владините реформи" или "новиот дух кој се чувствува во опозицијата".