Џон Стујарт

Американските медиуми станаа "машина за перење информации"

Се потенка и порозна станува границата меѓу информациите објавени од меинстрим медиумите и лажните вести, порача Стујарт на конференцијата организирана од Њујорк Тајмс.

"Перењето информации" Стујарт го објасни како прогресивно појавување на вести - лажни, или поинакви - од не верификувани извори во меинстрим медиумите. Бидејќи известувањето од втора рака е толку често, и се прави без сериозна проверка на изворите, дури и медиуми со релативно висока репутација објавуваат за нешто што блог или некој друга платформа со непознат кредибилитет го има објавено.

Стујарт објаснува дека иако сајтот од кој е земена веста може да ги има наведено изворите, медиумот кој ќе ја преземе најчесто прескокнува да ги спомне овие референци и оригиналниот извор на информацијата.

"Ова парче информација (за тоа од каде доаѓа веста) сега е испрано," објаснува Стујарт, според кој оригиналното парче информација, без разлика дали било кредибилно или не, сега добива далеку повеќе кредибилитет, посебно ако веста е објавена на медиуми со високи новинарски стандарди.

Дури ова комплетно да се игнорира како проблем, не се менува впечатокот дека најголемиот дел од медиумите се лажни, бидејќи, како што објаснува Стујарт, дури и кога не се објавуваат намерно лажни информации, вестите доаѓаат со хиперболични наслови (клик-бејт) и известување од втора рака. И ова придонесува медиумите повеќе да ја немаат довербата на публиката, што отвара простор за алтернативни новински извори кои се уште помалку безбедни за верување.

Стујарт посебно ги критикува телевизиските вести, за тоа што се премногу реактивни и дека се опседнати со надополнување на постојните вести, со што создаваат ситуација во која твитовите на Доналд Трамп почнуваат да доминираат со циклусот вести.

Според него ваквото немање преглед на големата слика го намалува уредничкиот авторитет на медиумот, што е случај секаде освен во еден медиум: Фокс њуз. Стујарт појаснува дека додека останатите медиуми гледаат вестите да им бидат реакција на дневните настани, Фокс њуз јасно го имаат насочено покривањето на денот кон конкретна уредничка цел - промовирање на конзервативната агенда.

Тој комплетно не се согласува со ставот дека изборите поинаку би завршиле кога вестите подобро би ја вршеле работата. Како пример за тоа го дава брегзит кога и покрај тоа што настаните беа соодветно покриени од Бибиси, гласањето заврши спротивно од очекувањата.

"Трамп не се случи затоа што Сиенен не го бива - туку само Сиенен не го бива," објасни Стујарт.

За крај тој искрено, повторувајќи нешто што го има кажано и додека беше водител на Дејли шоу, уништи уште една заблуда порачувајќи дека сатирата и комедијата никако не би можеле да ја спречат победата на Трамп.

 

2 декември 2016 - 10:22