Американските новинари во 30-тите и 40-тите години доброволно ја прикривале вистинската димензија на физичката хендикепираност на претседателот Рузвелт. Американците знаеле дека тој има проблеми со полио но новинарските статии не спомнувале дека тој е комплетно закован за инвалидска столица.
Тоа не го спречувало Рузвелт новинарите да ги смета за едни од своите најголеми непријатели и да влегува во отворени конфликти со нив.
Трамп и Рузвелт на многу начини слично ја започнаа својата бурна романса со медиумите. Обајцата богати њујорчани, обајцата со смисла за ефикасен копирајт и способност да произведат бомбастични наслови умеејќи да ги играат медиумите како да свират виолина.
Работата се менува кога ќе стапнат во Белата куќа.
Рузвелт уживал продолжен меден месец со медиумите во првата година од своето претседателствување но потоа работите одат на лошо. Веќе во 1935 година тој постојано повторува дека е мета на „отровна пропаганда“. Во неговиот светоглед секој кој не се согласувал со него бил против него а поставувањето незгодни прашања го изедначувал со предавство.
Во време на неговиот реизбор во 1936 година, Рузвелт проценува дека 85 проценти од медиумите се против него (што не го спречува на тие избори да победи убедливо).
Тој и неговата екипа биле особено осетливи на новиот и сè повлијателен медиум, радиото. На уредниците им е пуштена пораката да не се закачаат непотребно и тој притисок резултира со белешка на заменик директорот на CBS, Хенри Белоус, до вработените дека „таа радио мрежа нема да дозволи никаква критика за која било политика на актуелната администрација“.
Одоносот меѓу Рузвелт и американските медиуми се влошува за време на Втората светска војна. На една прес конференција, претседателот вади кукасти крст и му го дава на присутниот репортер на Њујорк Дејли њуз, со порака да му го предаде на нивниот колумнист Џон О' Донел, кого го сметал за предавник.
Подоцна О'Донел известувал за војната во Европа а кога се вратил во Вашингтон, сфатил дека неговата новинарска акредитација е поништена. Настанува скандал во кој дури и портпаролот на Рузвелт се заканува дека ќе даде оставка доколку на новинарот не му биде вратена акредитацијата, по што претседателот попушта.
На друг новинар кој се дрзнал да го праша дали планира да побара нешто без преседан, трет мандат во Белата куќа, Рузвелт на прес конференција му има одговорено: Стави си капа „Глупи Август“ и оди во ќош“.
Така што, ова што денес се случува на релација Трамп-медиуми не е ништо ново. Како што има кажано прочуениот американски правник и обвинител Клеренс Дероу: „Историјата се повторува. Тоа е една од срањата во врска со историјата“.