Луѓето од малцинства или од ранливи категории ги гледаме како помалку луѓе. Студии со мозочни скенови на студенти покажуваат помала мозочна активност кога се гледале слики на наркомани или бездомници отколку што е тоа случај со фотографии кои оддаваат луѓе со повисок социјален статус. Постојат студии и дека оние со анти-имигрантски ставови сметаат дека мигрантите се на пониска еволуција, дека младите ги потценуваат старите, мажите и жените заедно не можат да ги поднесат пијаните жени.... Таквата тенденција за дехуманизација на оние кои не се во нашите групи е забележана уште на 5 годишна возраст.
Способни сме за сеир (задоволство од посматрање туѓа мака, германски: Schadenfreude) уште како деца на 4 годишна возраст. Студија за тоа од 2103 година. А има и друга, што преферираат деца на 6 години.
Веруваме во судбина, карма, к'смет, таксират - дека немоќните ја заслужиле својата несреќа. За тоа постои класична студија од 1966 година. Оттогаш во многу случаи е докажана нашата подготвеност да ги обвиниме сиромашните, жртвите на силување, заболените од АИДС и други „презрени и гладни“ дека самите си се виновни. Само за да го сочуваме сопственосто уверување дека светот сепак е некако праведен.
Тесногради сме и догматични. Да беа луѓето со отворени умови, ќе беше лесно нечии илузорни верувања да се разбијат со едноставно презентирање на голите факти. Ама, не е така. Класична студија од 1979 година прва го осветлува овој феномен. Се чини дека силно се спротивставуваме на фактите кои не ни одговараат бидејќи ги чувствуваме како напад на сопствениот идентитет.
Попрво би се дрмале со струја отколку да останеме сами со своите мисли. Тоа го покажа студија од 2014 година кога 67% од мажите и 25% од жените решиле дека е помалку неугодно да се пецнат со струја отколку 15 минути да поминат со себе во мир и тишина.
Суетни сме и се преценуваме. Нашата ирационалност и догматизам можеби ќе беа полесни за решавање ако ги следеше некаква „скромност како услов за човечност“. Ама, обратно е. Повеќето од нас одат наоколу како пауни, уверени во своите надмоќни квалитети, од шоферските вештини па до интелигенцијата и привлечноста. Се работи за познатиот феномен, тн „ефектот на езерото Вобегон“, измислениот град во кој „сите жени се силни, сите мажи згодни а сите деца надпросечно паметни“. Иронично, најсамоуверени се оние кои најмалку имаат причини за тоа (Дунинг-Крегеров ефект). Суетата и самоувереноста се чинат најсилни на прашања околу моралот.
Морални лицемери сме. Со студии е докажано дека истите себични однесувања, кога ги правиме ние, ги правдаме со „такви беа околностите“ а кога ги забележуваме кај други, ги препишуваме на нивната нефер природа и карактер.
Во нас чучат тролови. Нема кој не налетал на некаква кавга на Твитер или Фејсбук и не се забезекнал како тие платофрми умеат да го извадат најлошото од луѓето. Најчести тролови се оние кои и во реалноста се секојдневни садисти но студии покажуваат колку малку треба и во обични луѓе да се разбуди тролот па да се почне со мајки-шајки по интернет.
Фаворизираме лидери со психопатски карактеристики. Американскиот психиолог Ден МекАдамс неодамна покажа дека претераната агресивност и склоност кон навреди на актуелниот американски претседател има своевидна „примална привлечност“ и дека неговите запаливи твитови се примаат како потези на алфа мажјак кој е создаден да застрашува. Истражување на луѓето од финансикиот крем на Њујорк покажа натпросечно присуство на психопатски карактеристики и кусок на емоционална интелигенција.
Сексуално нè привлекуваат луѓе со „темна страна“. Не само што за лидери бираме психопати туку и во секојдневието, барем на краток рок, нè привлекуваат луѓе со „лошотија“ во себе. Утврдено е дека машката привлечност, жените ја оценуваат повисоко ако е придружена со его-центричност, манипулативност и нечувствителност. Теоретски, тоа се објаснува со тоа што ваквите карактеристики се „читаат“ како „предности за парење“ во смисла на самодоверба и подготвеност за ризици. Но, оваа особина има значење и за иднината на човековиот род. Според студија од 2016 деца, жени кои ги привлекуваат силни нарцистички машки лица, имаат тенденција да родат повеќе деца.
Да не паѓаме одма во севдах. Сите горенаведени факти можат да се читаат и оптимистички: што сè носиме во себе, добро и вакви што сме испаднале.