Моралес е првиот домороден претседател на Боливија. Поранешен лидер на одгледувачите на кока и симбол на латино-американската левица. Неговиот претседателски мандат започна во 2006 и траеше се до неговата присилна оставка пред две недели. Изборните набљудувачи од ОАС (Organization of American States) открија „нерегуларности“ на изборите на 20-ти октомври, кои доведоа до насилни немири. Минатата недела, војската го повика тој да си даде оставка. Плашејќи се за својот живот, Моралес избега во егзил во Мексико и сега живее на тајна локација во Мексико сити. Мексиканската влада му додели четворица телохранители и оклопен џип.
Шпигел: Господине Моралес, како треба да ви се обраќам? Господи Екс-претседател?
Моралес: По мојата оставка, повеќе не можеш да ме нарекуваш претседател. Од друга страна, парламентот се уште ја нема прифатено мојата оставка. Мојата парламентарна група до сега е обединета во поддршката кон мене.
- Вашите противници тврдат дека вие доброволно сте си заминале.
Ова беше пуч што е планиран долго време. Започна кога тие почнаа да горат кукли што личат на мене. Потоа ги уништија изборните документи и ги палеа домовите на членовите на мојата партија и на синдикални лидери. Потоа полицијата откажа послушност, а вооружените сили се кренаа против уставниот поредок и повикаа на моја оставка. И ова треба да е доброволна оставка? Си заминав за да не продолжат да убиваат уште повеќе Боливијци.
- ОАС ве обвини дека сте манипулирале со исходот на изборите.
Токму тоа е причината зошто прогресивците, левицата и умерените влади не и веруваат на таа организација. Таа им служи на богатите и моќните, како што јас лично искусив. Згрешив што им верував на изборните набљудувачи. Тие се здружија со оние зад пучот.
- Сепак изборните набљудувачи претставија докази за манипулација на ноќта на изборите.
Тоа е прелиминарен извештај. Во него се вели дека имало нерегуларности и други проблеми, но не ме обвинува мене за измама. Од 35.500 гласачки кутии во земјата, изборните набљудувачи истражиле 72 и сега велат дека сум добил повеќе гласови отколку на претходните избори. Но овие гласачки кутии беа во руралните и домородни региони, каде луѓето секогаш доминантно гласале во моја корист. Побарав од генералниот секретар на ОАС, Луис Алмагро, да почека неколку дена до објавувањето на резултатите, бидејќи во спротивно ќе има мртви во Боливија. Но тој одби. Тоа беше политичка одлука, а не техничка или правна.
- Ви беше потребно да го победите вашиот ривал Карлос Меса со најмалку 10% од гласовите за да избегнете втор круг. Кога беа објавени првите резултати, изгледаше дека нема да ја постигнете разликата. Потоа пребројувањето одеднаш беше прекинато, и кога продолжи, работите станаа многу подобри за вас.
Неправилностите што ОАС ги откри ми наштетија на мене многу повеќе отколку на опозицијата. Официјалното пребројување никогаш не беше прекинато. Само брзото пребројување беше стопирано. Официјалното пребројување се прави јавно, со учесници од сите партии. Тој резултат не е оспорен и крајниот исход се базира на тоа пребројување. Од овие причини побарав ново пребројување, гласачка кутија по гласачка кутија, глас по глас. Признав дека се направени нормални грешки, какви што се случуваат на секои избори, но немаше измама. Грешките се човечки, и човек треба да ги признае и поправи.
- Зошто беше прекинато гласањето?
Во првата проекција на резултатите јас имав предност од 7%, па реков: Океј, со гласовите од внатрешноста, ние победуваме.
- Генералот кој ви се јави минатата недела за да ви побара оставка беше именуван од вас. Каква улога одигра војската во вашата оставка?
Отсекогаш имав добри односи со вооружените сили. Јас сум единствениот претседател на Боливија кој има отслужено целосен воен рок. Добро ги третирав воените сили и ги опремив со авиони и хеликоптери. Сега треба да гледам на телевизија како тие ги користат овие оружја против луѓето. Но најлоша беше полицијата. Ако таа не се кренеше против мене, ние ќе можевме да го спречиме пучот.
- Од оставката до сега над 30 ваши симпатизери се убиени во судирите со владините сили. Дали Боливија е пред опасност од граѓанска војна?
Пучистите се одговорни за смртта. Се до мојата оставка, полициските и воените сили не застрелаа ниту еден човек. Гледав на телевизија како од хеликоптери пукаат на демонстрантите во Кочабамба. Тоа ме застрашува и ме растажува. Тие ги убиваат моите домородни браќа и сестри. Обични земјоделци.
- Вашите следбеници наводно повикале на граѓанска војна и блокираат важни градови низ земјата. Дали имате контрола врз нив?
Јас го отфрлам насилството. Ова го кажав неброени пати. Меѓутоа тоа е природна реакција, имајќи го предвид степенот до кој сиромашните се понижени. Пучистите дури го запалија Випала знамето, симболот на домородниот народ и нашиот национален амблем.
- Кој според вас е одговорен за овие настани?
Сите оние кои не ги признаваат изборните резултати. Лидерот на опозицијата, Карлос Меса, кој ги изгуби изборите, и Луси Фернандо Камачо, претседателот на тнр. Санта Круз граѓанскиот комитет. Тој доаѓа од многу расистичко семејство. Татко му ја поддржуваше диктатурата на генерал Хуго Банзер и од тоа заработи многу пари. Наводната изборна измама е само изговор за овие луѓе да ме соборат.
- Исто така тврдите дека владата на САД е делумно одговорна за ова.
Кога прв пат бев избран за претседател, рударите кои страдаа во времето на воената диктатура ме предупредија: Биди многу претпазлив кон американската амбасада! Во 2008, го протеравме американскиот амбасадор од нашата земја затоа што тој заговараше против нас. За време на последната кампања, се слушнав со заменик шефот на мисијата (на САД), бидејќи тој агитираше против мене во внатрешноста на земјата. Вашингтон беше првата влада која го призна режимот на пучистите.
- Дјанине Ањез, потпретседателката на сенатот, се прогласи себе за привремен лидер на државата, врз основа на правата што ги има според уставот. Дали го признавате тоа?
Од каде доаѓа нејзината легитимност? Таа се прогласи себе си за претседател по сопствено убедување а војската ја призна. Тоа не е транзициска влада. Тоа е диктатура.
- Повикавте на национален дијалог. Дали повикот ја опфаќа и привремената влада на Дјанине Ањез?
Ние побаравме меѓународната заедница да започне дијалог. Ние имаме три услови. Прво, пред да почнат преговорите, мора да се формира комисија која ќе ги именува луѓето одговорни за убиството на нашите симпатизери. Нападите се злосторства кон човештвото и не смеат да минат неказнети. Второ, ако некој е изведен пред суд, тој мора да биде суден според неговите уставни права. Моментално луѓето се гонети само затоа што и припаѓале на мојата влада. Се чувствувам виновен што моите министри се гонети додека јас сум вон земјата. Трето, убиствата мора да престанат.
- Земјата е поларизирана. Повикавте на мир, но дали мирот воопшто има шанса во овие услови?
Тоа во секој случај е мојата најголема желба. Помирувањето мора брзо да се случи. Војската треба да разбере дека сите ние сме едно големо семејство. Некои веруваат дека тие можат да владеат со земјата само затоа што имаат многу пари. Овој начин на размислување мора да престане.
- Според уставот новиот претседател треба да свика нови избори до јануари. Дали верувате дека ова ќе се случи?
Крајниот рок е 22 јануари. Немам поим што пучистите планираат да прават по тој датум.
- Дали повторно ќе се кандидирате?
Правно ми е дозволено да се кандидирам, но ако тоа помогне во постигнување мир во мојата држава, јас ќе се откажам од кандидатура.
- Веќе имате три мандати зад себе. Зошто одлучивте да се кандидирате по четврти пат, имајќи предвид дека мнозинството Боливијци ја отфрлија идејата на референдумот кој сами го свикавте?
Јас не сакам да останам на власт по секоја цена. Уставниот суд ја овозможи мојата кандидатура. Јас доаѓам од екстремно сиромашни услови и почнав на работам на 8-годишна возраст. Не сакав да станам ни синдикален лидер, но кога одгледувачите на кока ме притиснаа јас прифатив. И тоа продолжи од таму, се додека добив шанса да станам претседател. Тоа не беше мој сон. Тоа не беше планирано. Можев едноставно да си отидам дома и да бидам среќен. Решив да се кандидирам затоа што повеќе не можев да ја трпам репресијата и неправдата.
- Но изгледа како да сакате да останете на власт по секоја цена. Противниците ве обвинуваат дека во Боливија сакате да воспоставите социјалистичка диктатура како онаа во Венецуела или Никарагва.
За мене социјализмот е социјална правда. И за тоа вреди да се умре. Без социјална правда нема мир. Со нашите социјални програми ние успеавме да ја намалиме екстремната сиромаштија од 15 на 8 проценти. Ние го поддржуваме економскиот модел кој ни дозволува да растеме додека истовремено го држиме ММФ на дистанца. Неодамна имавме повисок економски раст од Чиле, кој од секогаш беше величан како пример во регионот. Наспроти предлозите на ММФ, ние го национализиравме енергетскиот сектор. Но никој не ни простува што функционира моделот на социјалистичка, плуралистичка, левичарска и анти-империјалистичка држава. Тоа е класна војна.
- Да но истовремено ја контролирате и судската власт, дозволувајќи ви да стекнете дополнителна моќ.
Јас секогаш сум ги почитувал законите. Ако, еден ден, ме судат за злоупотреба на власта, тоа ќе биде само затоа што не сум имал добар адвокат. Јас не станав претседател од што сакам да се збогатам, туку од патриотизам.
- Боливија има многу минерални богатства, вклучувајќи и литиум, по кој има меѓународна побарувачка за употреба во батериите во електричните возила и мобилните уреди. Вие повеќе пати тврдите дека ова одиграло улога во вашето соборување? Зошто?
Имавме фин договор со Германија кој вклучуваше планови за изградба на наша фабрика за литиум. Меѓутоа неколку меѓународни конгломерати не се согласија со тоа. Тие се против тоа ние самите да ги преработуваме нашите суровини.
- Но беше речено дека владата сакала да го сопре проектот.
Имав стратегија како да продолжиме, но повеќе не сум на власт и повеќе немам влијание врз овие големи проекти. Пучистите несомнено ќе ги откажат овие договори.
- Привремената претседателка објави дека ако се вратите ќе ве обвини за корупција и изборна измама. Дали се плашите?
Јас не сум одговорен за организирање на изборите. Јас веќе бев обвинет за убиство и продажба на дрога од претходните власти. Доказите беа фалсификувани. Па знам како се одвиваат работите. Не се плашам, бидејќи не сум корумпиран и не сум извел никаква изборна измама.
- Твоите противници те опишуваат како безбожник и опседнат од ѓаволот. Привремената претседателка влезе во претседателската палата со голема Библија под рака. Како го објаснувате ваквиот религиски фундаментализам?
Пред да се решиме на нов устав, католицизмот беше државна религија. Новиот устав го направивме за Боливија да стане секуларна држава. Сите цркви имаат исти права, а ниту една религија не доби приоритет. Верата е нешто свето. Таа шири вредности и треба да служи за помирување. Меѓутоа пучистите ја користат за да шират омраза и расизам. Јас сум католик, но исто така верувам и во Пачамама - Мајка Земја - и во нашите домородни богови. Сега моите противници тврдат дека Пачамама е дело на Ѓаволот, а јас дека сум инкарнација на Сатаната. Не го разбирам тоа.
- Дјанине Ањез исто така тврди дека боливискиот конфликт е контролиран од друга држава и дека агенти од Венецуела и Куба се инфилтрирани во вашето движење. Дали е тоа вистина?
Вистината е дека голем број Венецуелци влегоа во нашата земја во изминатите месеци со цел да водат кампања против мене. Ние депортиравме 1.000 Венецуелци бидејќи тие станаа политички активни. А што се однесува на Кубанците, отсекогаш сум му се восхитувал на Фидел Кастро. Тој ни помогна околу нашиот здравствен систем, а кубанските доктори бесплатно изведоа операција на катаракта на над 700.000 Боливијци. Тоа е она што го нарекувам солидарност меѓу сиромашните.
- Латинска Америка сега е идеолошки пораздвоена од кое било време од Студената војна до денес. Ова во добар дел е заради кризата во Венецуела.
И' се восхитувам на Венецуела, прво Чавез, а потоа Мадуро. Мадуро триумфираше против интервенционизмот на Американците и го преброди обидот на пуч. Тој ќе ја преброди и економската блокада.
- Мадуро презема брутални мерки против опозициски функционери и новинари. Дали сериозно го сметате за личен пример?
Колку долго е госпоѓа Меркел на власт во Германија? Јас не би тврдел дека таа е автократ само затоа што е 16 години на власт.
- Тоа е лоша споредба. Германија има парламентарен систем и владата може да падне во секој момент. Во претседателски системи како оној на Венецуела тоа е невозможно. Кога вие планирате да се вратите во Боливија?
Ако е возможно, веднаш. Многу ми недостасува мојата татковина. Ми недостасува и мојата работа. Секој ден работев од 5 наутро до 22, 23 часот навечер. Сега изгледа дека идните генерации ќе мора да ја продолжат борбата.
- Што е следно за вас, лично?
Мојата безбедност во Боливија треба да биде гарантирана. Ако сакаат да ме судат, тогаш треба да го направат тоа. Ќе излезам на суд. Ама не можат да ме стават во затвор, затоа што сум невин.
- Господин Моралес, ви благодариме за интервјуто.