Бука: Твојот најнов албум се вика „Брод на будали“. Каде плови овој наш „брод“ и дали во него навистина се наоѓаат будалетини или само изгубени, збунети луѓе.
Ние се наоѓаме во период на најголемото изумирање на растителни и животински видови во последните 60 милиони години, додека човечката популација, од појавата на парната машина, за само 200 години, стана десет пати поголема. Очигледно човекот тука е најголемиот штетник кој се размножува на штета на сите останати живи битија. Сајбер Диносаурус кој гази и ждере сè околу себе. Или како вид ќе го смениме однесувањето, или со тек на време, кога ќе изедеме сè околу себе и ќе ги потрошиме ресурсите, питката вода, кислородот, неизбежно ќе дојде до намалување на човечката популација. Првобитната заедница на луѓе броела помалку од еден милион, денес нè има седум милијарди. Пред само 200 години бевме помалку од милијарда. Навистина би било тажно, нас, најинтелигентните суштества на оваа планета, да нè истреби вознемирената природа. На сите им е јасно дека светот, организиран како што е денес, навистина е брод на будали на чие кормило стои слепиот профит, сосема независен од човечката волја, кој има само една единствена цел, да се зголемува, макар и по цена на бродолом. Уште да додадам, постои голема разлика меѓу поединецот и општеството. Поединецот може да биде многу разумен, но општеството во целина се однесува како најглуп поединец. Од разборитите луѓе се очекува да делуваат, да влијаат на општеството, нивната пасивност е поштетна од штетното делување на глупите. За глупоста да доминира, доволно е паметен поединец да не реагира. Глупоста е позаразна од короната.
Од албум во албум, текстовите на новите песни оддаваат мудрост, што би рекле Далматинците, удираш „у сриду“. Дали себе некогаш се доживуваш како модерен Његош?
Во секој кој се родил и пораснал во Црна Гора чучи мал Његош, помалку или повеќе модерен. Повеќе би сакал за двеста години некој нов да го викаат „Модерниот Рамбо Амадеус“. Сепак, световната поезија е мојот фах.
Удираш по сè и сешто, од приземното граѓанство до оние кои се на највисоки позиции. Имаш ли некои проблеми заради тоа? Добиваш ли по некогаш заушка од тие инстанци, забрана на настап, поголем данок...?
Па, ме нема нешто по телевизии но и онака интернетот го презеде приматот па и не сум нешто оштетен. На модерните, неолиберални власти им е апсолутно сеедно што серете, само ако не им пипате во парите. Уште ако не сте им на платен список, ги заболе. Само не те ангажираат, принуден си да гледаш како опортуни колеги со спорен талент, пред нос ти земаат добри ангажмани. Јас сум океј со тоа, сакам да сум по на страна, удобно е, не морам да играм пипиревка.
Поврзано со претходното прашање, мислиш ли дека треба да има повеќе јавни личности во кои секако спаѓаат и музичарите, кои просто би имале поголеми тестити за да пружат отпор на постоечката состојба, тоест на оние кои таа состојба ја контролираат - валстодршците?
Џабе е да се кења. Треба да се прават конкретни работи, Мали, офф грид системи, домаќинства, да се произведува своја енергија и храна, да се биде што е можно понезависен од системот, таквото делување има повеќе смисла отколку да се плаши мечката со решето. Зборовите доживеаја инфлација, служат само за манипулирање. Повеќе вреди едно домаќинство кое има свои соларни панели, рибник, кози, кокошки, бавча, селски туризам, отколку да се трошат зборови и енергија на она што не чини.
Дали мислиш дека должност на јавните личности е да се спротивстават на чуварите на овдешните нации кои се служат со сите средства да се одржат на позиции, па и со говор на омраза кон комшиските народи. Колку таа наративна омраза нè спречува да живееме подобро?
Не го измислија нашите „Divide et impera”. Раздели па владеј е изрека уште од Римското царство. Успева повеќе од 2.000 години но сигурен сум дека на луѓето, кога-тогаш, ќе им здосади да се делат и да живеат во омраза. Се надевам дека ќе се уморат од омраза. Некои народи веќе имаат успеано во тоа, погледајте ја цела северна Европа. 200 години немаат војувано а пред тоа се тепаа секој ден, со векови, па им здосади. Ќе ни здосади и нам. И нациите како поим, баш како што настанале, еден ден ќе исчезнат. Просто, луѓето ќе бараат некои нови, помодерни и покомплексни колективни идентитети и колективни симулации.
Дали уметниците воопшто влијаат на јавното мислење и можат ли да ги менуваат состојбите и светот околу себе?
Можат да го менуваат сензибилитетот, состојбата на свеста, да не постои култура, денес луѓето би се јаделе меѓу себе. Можат многу но проблем е тоа што многу од тој убав занает денес се нарекува уметност. Уметност без етички или барем естетски промислувања и провокации е кич. А кичот е бетер од шундот, бидејќи е симетричен, сладок, влегува под кожа и го успива поривот за слобода. Шундот е многу помалку опасен, тој е видлив, профан, гласен, лесно е да го препознаеш и да го заобиколиш. Целата „уметност“ која ја протежира локалната и светската владејачка елита е кич, што е логично, бидејќи полесно се управува со заспани мозоци. Шундот се пропагира кога треба да се одгледаат генерации на евтина работна сила, за човек да прифати да работи тешка и глупа работа за мали пари. Нему мора мозокот претходно да му се импрегнира со шунд.
Албумот почна да го создаваш кога на видик немаше никаква корона. Дали некогаш си претчувствувал дека може да ни се случи ваква беља?
Претчувствувам јас одамна, но мислам дека ова е само увертира. Озбилна еколошка криза допрва доаѓа а со неа и воведување на тврдо тоталитарно општество, кое сега полека се увежбува.
Голем дел од населението и не верува дека вирусот постои. Какво е твоето мислење за тоа?
Голем дел од населението верува во разни глупости, а не верува во она што им е пред нос. Постои вирусот, несомнено, само што има и огромна дискрепанца меѓу бројките и реакциите на државите. Од Шпанската грозница пред сто години умреле меѓу 130 и 300 милиони луѓе, повеќе отколку во првата и втората светска војна заедно, ама тоа не се учеше во школо.
Те фаќа ли паника од минливоста на животот и жал за младоста?
Немам јас жал за младоста но имам страв од немоќта и понижувањето. Во примитивни општества какво што е балканското, постарите луѓе се презираат, се третираат како будали, особено ако не се богати. Не би сакал како старец да доживеам презир од околината. За среќа, во руралните средини сè уште постои почитување кон старците, па кога ќе ми дојдат годините, веројатно ќе се повлечам во планина.
Ти си семеен човек но истовремено и многу популарен. Како успеа да одржиш и фамилија и кариера а знаеме дека се наоѓаме во ера на растурени семејства и музички кариери кои се преполни со лоши проценки и ќорсокаци.
Тоа е работа на домашно воспитување. Од почетокот се трудев да се дистанцирам од вртлозите на естрадата, свесен за фактот дека заработката ќе ми биде помала, но тоа се покажа како добра доктрина. Синовите ми пораснаа во пристојни и чесни луѓе. Тешко ќе поднесев ако одгледав три битанги.
Твоето музичко патешествие никогаш не престануваше, не отиде кон ектремна комерцијала дури ни со песната за Евровизија, постојано си присутен, имаш оставено траг, а инспирација, се чини, имаш и повеќе од порано. Има ли тука некоја магија или сè се сведува на работа?
Сè е во мерката. Важно е да не ѝ досаѓаш на публиката. Да имаш мерка и во бројот на свирки, и во бројот на албуми и во бројот на медиусмки настапи. Да зборуваш само кога имаш да кажеш нешто, а не да верглаш. Некогаш нешто треба и да се прочита. Пристоен автор знае дека пред него имало многу генијални дела; колку повеќе ја познавате целата историја на уметноста а истовремено и современата сцена, толку помала ќе биде можноста да се претворите во старо лапрдало кое одамна престанало да му биде интересно на кој било освен на себе.
Имаш ли нешто да им порачаш за крај на читателките и читателите?
Знаењето е слобода. Колку повеќе знаете, толку е поголем просторот по кој се движите, поголеми се шансите да го најдете своето парче небо. Бегајте од незнајковци. Игноранцијата и ароганцијата се сестри близначки.