Срѓан Шапер:

Од одбрана до последните денови

Да имавме среќа, СССР ќе се распаднеше малку подоцна или воопшто немаше да се распадне, па интересот за демократизација на Југославија ќе беше многу поголем. Вака испаднавме неважни баш кога можевме да бидеме најважни. И така влеговме во период што ги одреди сите наши мали животи и кој во учебниците по историја ќе се нарекува „време на војни за југословенското наследство“, кој почна тогаш а трае и денес. 

ВРЕМЕ: Четириесет и кусур години подоцна... На кој начин албумот „Одбрана и последни денови“ беше важен во она време, 1982-ра, а на кој начин е важен денес? Што мислиш, дали сега е тој можеби и поважен и поразбирлив од кога било? 

Сигурно дека е поразбирлив, затоа што помина низ многу нивоа и различни анализи. Во она време беше дел од еден проект и се толкуваше само во тој клуч. Денес е, судејќи по сè, појава сама за себе - стана дел од уметничкото наследство на бивша Југославија. 

Дали членовите на бендот Идоли воопшто беа свесни во што се впуштаат со своите идеи за оваа плоча, пред, за време, и по снимањето? 

Би рекол дека работите постепено се сложуваа во некаква граѓа, која добиваше сè појасен обик како плочата се завршуваше. Изборот на романот на Пекиќ за наслов, освестувањето во еден миг дека религијата е нишка што ги поврзува многуте слики на плочата, текстовите што настануваат од таа идеја. Потоа, секако, и изборот на песни кои треба да се најважни; редоследот беше исто така значаен. Во секој случај беше тоа нешто поинакво од очекуваното - што беше и основната идеја на нашиот бенд, да бидеме поинакви. Затоа и кратко траевме. 

Како се чувствувате кога албумот конечно излезе? Се сеќаваш ли со какви емоции лично се соочуваше кога го гледаше во излозите на продавниците на плочи - или, како изгледаше тоа кога првпат го виде, каде беше тоа и какви реакции ти предизвика? 

Најмногу ме радуваше втората страна на внатрешниот омот на која, во иста позиција како ние петмина од Идоли, се наредени група наши пријатели - сите личиме меѓусебно. Интересно е дека тоа никој не го констатираше, просто, секогаш поминуваше незабележано.

А беше важно - не постојат идоли, постои само збир судбини кои се врзуваат и подоцна се одврзуваат, и постои дело кое треба да остане. Сосем спротивно од вообичаеното доживување на неинформираните - дека сè тоа е само маркетинг. А, всушност, не постои маркетинг, постои само креација, породување а потоа следен живот. 

Кои домашни бендови нејвеќе сакаше да ги слушаш во тоа време? А кој странски состав беше највлијателен кога станува збор за звукот на Идоли, или барем за твоето пишување песни?

Сакав да слушам Азра и Лачни Франц. Џони некако во исто време беше и сериозен и духовит, и тоа ми беше инспиративно. А од странските, различни во различно време, Television, Pere Ubu, Swell Maps, 10cc, Devo, The Clash, Elvis Costelo, Talking Heads и така натаму. 

Музичката и текстуална структура на песните на „Одбрана...“ спаѓа во најкомплексните на југословенската музичка сцена. Од каде таа „чудност“ во песните? Како твојот личен авторски фокус и доживување на светот се промени од првите денови на Идоли? 

Ние и пред оваа плоча имавме такви песни, на пример „Име да да“ на мини EP-то, со тоа што на „Одбрана...“ тоа беше послоевито и поинтересно. Кога и да побегневме од шаблонот - строфа па рефрен, па повторно строфа, па рефрен многу пати, па фејд аут - бевме баш добри. А во тие шаблонски песни, прилично досадни.

Кога сега повторно би можеле да снимаме, не би се оптоварувале како тоа ќе звучи на концерт. А тогаш тоа беше важно, то ест, не смееше или не можеше да се одважиш да снимиш работи кои после не можеш да ги изведеш во живо. Што се однесува до моето доживување на светот, на многу повеќе прашања денес немам одговор, одошто во тоа доба. Ама тоа веројатно доаѓа со искуството, те учи да не погрешиш, ама и те спречува да се одважиш. 

Отсекогаш многу се разговараше за духовната димензија на оваа плоча - дали таа религиозна конотација и буквално беше воздигнување на православната вера, или тоа сепак беше битка против социјалистичките предрасуди, табуа, забрани, ограничувања?

Во многу песни на таа плоча постои едно чувство дека небото и земјата се допираат, и многу нејзини стихови се однесуваат на тоа. Во песната „Моја си“ има момент на православно пеење, ама во „Одбрана“ се појавува Исус, неврзано од православието или некоја друга конфесија. А во песните „Немо“ или „Ајде, сањај ме, сањај“ или „Последњи дани“ или „Кенозоик“, секаде тоа небесно е всушност човечко. Лично.

Така да - да, мене барем ми беше важно православни мотиви да се најдат на оваа плоча, затоа што во архетипска смисла православието е збир обреди, кои се дел од нашето заедничко минато - ама оваа плоча не беше мисионерска, иако секако оствари и такво влијание. 

Што се однесува на забраните, многу нешта тогаш беа забранети, бевме среќни кога ќе се појави буквално и еден збор кој дотогаш не смееше да се појави заради цензура или автоцензура. Денес може да се напише или прочита сè што ќе ви падне на памет, во Титовата Југославија тоа беше едно големо Невозможно. 

Дали постоеја разлики во размилувањата внатре во бендот? Дали си пружавте отпор едни на други за време на работата или албумот настана во атмосфера на толеранција и апсолутна взаемна поддршка?

Постоеја разлики, борба, убедувања, отпори. Резултатот често беше плод на компромис. Но, од оваа перспектива ми се чини дека тоа беше добро, колку и тогаш да ме нервираше. 

Како воопшто изгледаше креативниот процес што доведе до конечниот изглед на албумот?

Песните беа недовршени кога влеговме во студио, како да сте насликале само скелет од нечија фигура, а потоа требаше да се наслика и сè останато: мускули, кожа, облека. Важен беше и моментот кога песната ќе го добие текстот, затоа што на почетокот често имавме само два-три стиха што се повторуваат.

Неодамна слушав некои недовршени песни на Дилан и го забележав истото, пар стихови, рамка. Баш ме изненади тоа, мислев дека тој веднаш завршува сè. На пример, песната „Моја си“ немаше текст. Јас го напишав една вечер и утредента го донесов. Одеднаш црно-белата песна доби боја, а тогаш на основа на стиховите и музиката добиваше повеќе различни слоеви. Среќа што имавме ограничен број канали на кои можеше да се снима, инаку би додале претерано многу звуци. Технологијата креативно не ограничуваше. 

Опиши ни го накратко Белград во периодот од почетокот на 80-тите, заклучно со излегувањето на албумот „Одбрана и последни денови“ - кој впечаток е најдоминантен во твоето памтење денес?

Некако многу повеќе личеше на оној град што го сакам и знам.

Можеби е тоа само носталгично, но денес мојот Белград е само еден мал Белград во големиот град, за кој не знам ни дали се вика така.

Во тој мој Белград во осумдесетите, сè беше некако полично, на секој чекор низ градот среќавав луѓе што ги знам, сите визури, дури и оние од разгледниците, беа дел од мене. Многу мали, ситни куќички, заледен здив во зима, погачи, важни книжари, втората програма на ТВ Београд итн. Малку сообраќај. Важни порти и влезови во подруми - лична еротска и романтична мапа на градот. 

А како изгледаше Загреб и градовите низ Југославија каде што гостувавте? Се забележуваа ли разлики во сензибилитети? Постоеше ли ривалство помеѓу локалните мини-сцени на „новиот бран“ или генерациски бевте срдечни и сплотени?

Загреб беше инспирација, нешто различно, а во својата земја. Поинаков одговор, девојки, пријатели. Сцената на „новиот бран“ таму беше попитома одошто во Белград, таму немаше СКЦ кој кај нас ги радикализираше нештата. Постоеше Југотон кој за сите значеше работа. Во Белград СКЦ, ТВ Београд и Џубокс, а таму Југотон, Кавказ, Звечка и Старт. Објективно, да не беа тие Белград-Загреб интеракции, се ќе беше помалку интересно и прашање е што воопшто би се случило на крај.

Што се случуваше околу вас во тоа време? Дали некој од политичките или црквените структури се обидуваше да ве контактира? Дали нешто предизвикаа новите теми истакнати на плочата „Одбрана и последни денови“?

Јас би рекол дека да, и ми се чини дека тоа всушност траеше и тогаш и сега. Многу се зборуваше и за таа и за другите плочи што ги издадовме, се разбира не секогаш пофално. Но денес нема сомнеж - кога ќе слушнам колку луѓе ја спомнуваат во контекст на својот развој или дефинирање на погледите на свет, јасно е дека имала многу подлабоко и многу потрајно влијание од тоа што било кој од нас или околу нас можеше да претпостави.

А што се однесува до контактите - не се сеќавам дека некој нè контактирал. Се сеќавам само дека бевме единствен бенд што не доби некоја младинска награда, која ја доделуваше Сојузот на социјалистичката младина во Србија и Хрватска. Она: седум секретари на СКОЈ и слични работи. Сите останати значајни бендови добија, ние бевме или помалку значајни или помалку заслужни. 

Дали уште тогаш ти беше јасно дека со овој албум завршува една ера и дека огромни промени ќе се случат во СФРЈ и во сечиј еден мал човечки живот? 

Не верувам дека со овој албум заврши една ера, ама знам дека коинцидираше со крајот на еден период. Да имавме среќа, СССР ќе се распаднеше малку подоцна или воопшто немаше да се распадне, па интересот за демократизација на Југославија ќе беше многу поголем. Вака испаднавме неважни баш кога можевме да бидеме најважни. И така влеговме во период што ги одреди сите наши мали животи и кој во учебниците по историја ќе се нарекува „време на војни за југословенското наследство“, кој почна тогаш а трае и денес. 

Кога првпат сфати дека ќе дојде до војна помеѓу некогашните Републики и луѓето меѓу нив?

Воопшто не го сфатив тоа додека не почна. После Идоли, за Југотон снимавме плоча „Последна младост во Југославија“. Инспирација за насловот беше една книга од вајмарскиот писател и социјалист Ернст Толер, „Една младост во Германија“ - книга што завршува со доаѓањето на Хитлер на власт. Ние сакавме насловот да биде уште појак, па наместо „една младост“ рековме „последна младост“. Ама, освен дека младоста е последна, не бевме свесни што доаѓа после. 

Дали до некој момент веруваше дека музиката на „новиот бран“ може да ги поврзе луѓето и да го надвладее лудилото? Кога се случи отрезнување?

Апсолутно го мислев тоа, за нас беше така и имав впечаток дека влијанието што го остваруваме е големо. И беше, всушност, мислам дека тоа беше точно. Ама не беше многу длабоко, само пена на површината. Лесно се растури кога дувнаа некои помоќни ветрови од оние кои создаваат песни. 

Дали периодот на „новиот бран“ беше наговестување дека Југославија може да се преуреди и промени на демократски начин?

Морам да кажам дека мислам дека да. Само ние не разбравме, во време кога мислевме дека нема политика туку само алтернатива на политиката, дека некои други млади луѓе многу сериозно се бават со политика во рамки на републичките комунистички партии, и дека подготвуваат голем распад и големо прекројување на границите, парите и влијанието.

Во нашиот алтернативен свет цветаше слобода и иднина. Во стварноста сè беше пореално, повистинско и посурово. Па и ние самите.

Дали ти мислиш дека „Обрана и последни денови“ е најдобиот албум на југословенската рок музика и зошто?

Мислам дека списоците и редоследите не се многу важни, иако на оваа плоча ѝ помогнаа да стане историски релевантна. Но, се надевам дека не е премногу претенциозно ако наведам пар стихови што ги напишав тогаш:

“Hajde, sanjaj me, sanjaj,
Vidiš me kao da nisi tu,
Reči koje ću naći
U tvom su vremenu.”

Во нечие време, „Одбрана...“ е најважна плоча, а во нечие друго време таа и не постои. 

 

14 февруари 2023 - 16:54