Лајбах во последниве три години одржува концерти низ цел свет - од лондонската галерија Тејт модерн па до настапот 200 метри под земја во Музејот на рударството во Велење. Групата сними музика за филмот „Ајрон скај", финско-австралиска-германска комична научна фантастика, а со новиот албум имаат намера да се промовираат во Кина. Тој се вика „Спектар" и е инспириран од Сноуден и Асанж, кои за членовите на Лајбах се херои на денешницата. По тој повод дадоа интервју за Јутарњи лист - всушност на прашањата одговара Јани Новак, еден од членовите, но групата инсистира на тоа дека во медиумите настапува како колектив.
Иако истакнувате дека не сте политички бенд, секогаш бевте многу актуелни и прецизни во коментирањето на сегашниот миг, па така и „Спектар" е коментар на економскиот колапс на западниот свет. Спотот „Свиркачи" е инспириран од Сноуден, Асанж и Манин. Дали се ова новите херои на денешницата?
Изгледа дека сè, а дигиталниот простор, интернет, е новото борбено поле каде се раѓаат таквите херои.
По излегувањето на албумот „Спектар" лансиравте и своја меѓународна политичка партија со истото име. Дали е тоа само промотивен трик?
Лансиравме класичo сталинистичко, меѓународно коминтерновско движење, не партија. Со време тоа може ќе се развие во вистинска партија, но моментално е уште во зародиш. Се одлучивме за ова затоа што сите од нас бараа да активираме некаков клуб на обожаватели, но тоа ни беше глупаво, па си направивме движење.
Кон крајот на годината настапивте во Русија и Украина. Да сте руски бенд, дали денес би го провоцирале Путин како што некогаш во Југославија ја провоциравте социјалистичката власт?
Не ја провоциравме ние социјалистичката власт, туку таа на нас реагираше хистерично. Тешко ни е да кажеме што би правеле да сме руски бенд, но во Русија прв пат „службено" бевме веќе 1987, 1992 во Москва беше лансирана државата НСК, а Црвениот плоштад за таа прилика беше прекриен со црн квадрат. Потоа во 1994 Лајбах одржа два концерти, и тоа во Москва, пред 4,000 луѓе, а од тогаш во Русија и Украина настапувавме барем уште дваесет пати, така што е сигурно дека до некаде влијаевме на дел од руската стварност.
При крај на март прв пат настапивте во Кина под слоганот „нова културна револуција". Какви се вашите впечатоци од Кина?
Не беше тоа концерт во Кина, туку во самостојната управна единица Хонг Конг, кој службено навистина е Кина, но кој себеси не се доживува како дел од неа. Хонг Конг, каде на можеби малку поголем простор од Загреб живеат и работат речиси осум милиони луѓе е како бесцаринска зона - огромен логистички и финансиски центар на Кина и Азија, а парите од неговите банки патуваат до сопствениците кои најверојатно живеат во Европа и Америка. Сето тоа делува како голема пералница за пари, а тие во овој град - освен храната - се најважната придобивка на човештвото. Кинеското влијание не се чувствува, а уште помалку прокламираниот комунизам, но најверојатно само затоа што самата Кина веќе стана многу слична на Хонг Конг. Градот е поделен на богат („капиталистички") дел, каде се банките, најмодерните облакодери, берзата и големите корпорации, и на 'нормален'(„комунистички") дел, каде во малку постари и малку пониски облакодери живее останатото население.
Иако правниот систем е независен од Кина и потекнува од времето на британската доминација, човек има чувство дека тука всушност многу добро функционираат заедно органскиот капитализам и комунизмот и дека нема конфликт помеѓу двата система. Мораме да признаеме дека сето тоа по малку ни изгледаше како некоја наша можна иднина, но од која по некои седум дена едвај чекавме да избегаме.
Зошто одлучивте во вашата музика да користите германски јазик? Дали беше во прашање побуна против доминацијата на англискиот во поп-културата?
Германскиот јазик го сметаме за релевантен и во културна и во политичка смисла. Освен тоа, германскиот битно влијаеше на културно-политичкото милје на Словенија и Југославија од кое потекнува Лајбах, па до некаде го имаме во крвта.
Откако е Мина Шпилер во бендот има многу повеќе женско пеење. Дали тоа беше свесна одлука, некој вид баланс помеѓу Лајбаховата маскулизирана музика и естетика?
Не беше свесна, иако музиката естетски не ја делиме на машка и женска. Мина прво настапи како наша гостинка, всушност како замена за еден пејач, а потоа целосно се вклопи во групата.
Своевремено изјавивте дека Рамштајн е Лајбах за деца; постои ли бенд којшто го сметате за ваш наследник?
Да постои, веќе би бил инкорпориран во Лајбах.
Во Словенија тукушто излезе книгата на Барбара Борчиќ, Celostna umetnina Laibach. За што станува збор?
Теоретичарката на уметност Барбара Борчиќ во книгата ги обработува методите и постапките во визуелната продукција на Лајбах, неговиот систем на знаци и референтното поле, со посебен акцент на репродуктивната техника на ксерокс-от и видеото.
Минатата година умре Јуре Пенгов, ТВ новинарот кој со вас го направи познатото интервју во емисијата „Тедник", после која бевте забранети. Дали некогаш потоа го сретнавте Пенгов и дали тој ги ревидираше своите ставови за Лајбах?
Да, ни ја предаде наградата Бумеранг и ни објасни дека сè уште мисли онака како што мислеше и во 1983. Тогаш и ние му ја предадовме плакетата на Лајбах - црвен дрвен крст со натпис Ich bin ein Jure Pengov.
Едно време се криевте во манастир?
Не е дека се криевме, но по тоа интервју отидовме во манастирот Плетерје да се одмориме од медиумските прогони и во мир да смислиме план како понатаму.