Карантините во светот обично се оправдуваат со „наука“. Но, сега имаме група на еминентни експерти за заразни болести кои ги здружија своите гласови во декларација (види: Професори од Харвард, Оксфорд и Стенфорд версус логиката на Филипче и Царовска) која е против општите затворања и бара фокусирана заштита на категориите ранливи на ковид -19. Еден од трите први потписи на таа декларација е оној на Мартин Кулдорф, професор по медицина на Харвардската школа за медицина.
Што е тоа што ве загрижува во врска со карантинот и што е она што ве натера да ја потпишете Декларацијата?
Мартин Кулдорф: Медиумите сугерираат дека постои некаков научен консензус во полза на карантинот, но тоа не е така. Загрижен сум за две работи. Едната е колатералната штета што целосното затворање ја прави на другите аспекти на јавното здравје. Еден од основните принципи на тоа јавно здравје е да не гледате само на една болест туку да го разгледувате здравјето како целина, на подолг рок. Со ковид-19 тоа не го правиме. Како научник кој се бави со таа тема, вчудоневиден сум каква фокусираност постои на само една болест и тоа со краткорочни идеи. А колатералните штети се трагични, од пораст на кардио-васкуларните проблеми, преку намалување на скрининзите за рак па сè до проблемите од менталното здравје.
Мојата втора загриженост е дека дури и да бидеме фокусирани само на една болест, сегашниот пристап нема логика. Пролетва баравме начини да ја намалиме кривата за да не се преполнат болниците и тоа успеа во речиси секоја земја. Но, обидите да се блокира болеста со следење на контактите, тестирање и изолација, заедно со жестоките карантини, нема да го реши проблемот туку само ќе го одложи за во иднина.
Тогаш како против вирусот?:
Кулдорф: Не треба да не правиме ништо и да дозволиме ковид да беснее наоколу. Но, не требаат ни општи карантини. Клучно е да се минимизира смртноста на подолг рок и затоа ние во декларацијата апелираме за фокусирана заштита, односно да обезбедиме максимална заштита на високоризичните поединци а да ги оставиме младите да живеат нормално. Младите и понатаму треба да миат раце и да седат дома ако се заболат но треба да посетуваат физичка настава, да спортуваат итн. Рестораните треба да се отворени.
Во ова сценарио ние поефикасно би ги штителе старите за помал број од нив да бидат заразени. Наместо нив, младите би доаѓале во контакт со заразата и пренасочувањето на заразата кон нив би довеле до драстично намалување на смртноста. Не можеме комплетно да ги заштитиме старите но колку подолго остануваме во пандемија, тоа ќе биде уште потешко. Тие всушност се позаштитени ако немаме карантин.
Секој може да се зарази. Но знаеме дека постојат значајни разлики во ризиците кај старосните групи. Не се работи за двојна, петкратна или десеткратна разлика. Не е ниту стократна. Разликата во ризикот кај младите и кај старите е илјадакратна. Огромна.
Ковид е нашиот непријател и ние треба да ги користиме неговите слабости. Ковид не е опасна болест за млади луѓе. За децата пак, е многу помалку опасна од сезонскиот грип. На пример, Шведска беше единствената земја која ги остави школите отворени во пикот на пролетната пандемија. Немаа маски, немаа мерки за социјална дистанца. Од 1,8 милиони деца, регистрираа точно НУЛА смртни случаи во тој период. И мал број хоспитализации. Многу поблаго отколку со сезонски грип.
Ги опишавте ризиците кои ковид ги носи за различни возрасни групи. Но нели и штетите од карантинот се нееднакво распоредени?
Тоа е вистина. Карантинот е двоен удар за работниците. Ние од ковид ги штитиме нискоризичните ученици и студенти и оние кои можат да работат од дома, додека работниците и натаму мора да одат на работа. Практично, ја фрламе работничката класа под автобус, штитејќи ги оние кои се попривилегирани. Работничката класа го носи товарот на градењето на колективниот имунитет кој ќе нè штити сите. Ние кои можеме да работиме од дома, полесно ќе ги задржиме работните места. Ако работите како келнер во ресторан, ситуацијата ви е сосема поинаква.
Некои велат дека е потребно многу време за да дојдеме до имунитет на стадото. Какво е вашето гледиште на ова прашање?
Ние имаме таков имунитет за многу патогени, некои преку вакцина но главно преку природна имунизација. Така ќе биде и за ковид. Точно е дека не знаеме колку тој имунитет ќе трае. За некои инфекции како сипаниците, имаме доживотен имунитет, за други, немаме. Но, и да заболиме од ковид после неколку години, тоа ќе биде многу поблаго заболување отколку првиот пат.
Никогаш нема да се отарасиме од ковид. Ќе стане ендемски, како и другите коронавируси. Треба да имаме на ум дека секоја година се раѓаат нови бебиња. Тие се подложни на ковид но за децата тоа е сосема благо заболување. Ако гледате од долгорочна перспектива, ако секој добие ковид како дете, тој нема да биде голем проблем за општествата.