Иако дел од рибиното масло се прави од бакалар, скуша и сардини, најголемиот дел доаѓа од перуански сардели, кои пак се важен извор на исхрана за дивиот свет во Хумболтовата струја, еден од најпродуктивните морски еко-системи на светот.
Годишно само во Перу се ловат над 4 милиони тони (4 милијарди килограми) од оваа риба. Да не биде дека само овие со здрав живот се кабаетлии, дел од уловената риба оди и конзервирана или свежа за човекова употреба, а се користи и за хранење свињи, живина и риби во рибници.
„Сулудо е, тоа што ние го уловуваме за една недела голем број држави не можат да го фатат за повеќе од една година. А капацитетите за нивна преработка стануваат уште поголеми,“ изјавува потпретседателката на организацијата за заштита на океаните, Океана Перу, Патриција Маџлуф.
Подобноста на перуанските сардели е во тоа што се богати со ЕПА (eicosapentaenoic) и ДХА (docosahexaenoic), двете киселини за кои има одредени докази дека помагаат во лекување и одржување на срцевата и мозочната функција и го намалуваат ризикот од мозочни пореметувања, меѓу другото.
Процената е дека годишно од оваа риба се вадат 38.000 тони рибино масло.
За да се постигнат овие бројки освен епски количества риба треба и легии работна сила и работни погони кои непрекинато ќе работат и флота бродови што само ќе истовара на пристаништата. Сите овие фактори речиси и да не се контролираат, а и кога ќе ги стигне некаков закон тоа вообичаено е симболично.
Работите не се посебно сјајни и во следната фаза. Најголемите брендови на додатоци за исхрана главно прокламираат дека нивните производи „потекнуваат од одржливи извори од Перу“. Наспроти ова независни тестови покажуваат дека околу 10% од рибиното масло во продавница е расипано.
Ова се случува заради голема оксидација на рибиното масло, а тоа се случува кога рибиното масло е изложено на многу светлина, воздух и топлина, што пак се случува додека маслото минува низ долгиот и комплексен синџир на негово рафинирање.
Од тоа што го има видено Гардијан, брод може да купи сирово рибино масло во Перу, да го однесе до Кина на дестилирање. Од Кина маслото да се пренесе до Северна Америка или Европа за пакување. По цел тој пат тешко е да се контролира колку време тоа минало на отворено или на високи температури, што само ја зголемува веројатноста од оксидација.
Самите аналитичари признаваат дека „генерално тешко е да се верува во рибиното масло“ и препорачуваат да се купува во помали количини, и да се чува на студено и темно место за да избегне дополнителна оксидација.