Малик Бендџелул го доби Оскарот за документарец во 2013, приказната за мистериозната судбина на музичарот Сиксто Родригез која ни ги згреа срцата.
Бенџелул растел во јужна Шведска и уште како дете глумел во популарни шведски серии. Студирал новинарство и медиумска продукција, а подоцна работел како новинар за шведскиот јавен сервис. Но во еден момент дал отказ за да патува низ светот, и токму на тие патишта ја добил идејата за документарецот за Шугармен.
Филмот, како што веќе пишувавме, следи двајца новинари од Јужна Африка, кои се нафаќаат да откријат што се случило со Родригез, поет и музичар со мексиканско потекло од Детроит, кој иако во седумдесетите имал два одлични албума, во сенката на Дилан и сличните извикани фаци не привлекол никакво внимание. Разочаран, тој среде настап извадил пиштол и се самоубил на сцената. Така барем вели легендата. Но во реалноста тој само се повлекол и мирно живеел како градежен работник. Сè до документарецот на Бенџелул, кој ја актуелизира неговата музика, и овој пат од него направи вистинска ѕвезда.
Освен за Сиксто тој има режирано документарци и за Елтон Џон, Род Стујарт, Бјорк и Крафтверк. Сепак ќе биде запамтен токму по Шугармен, чија приказна ја чул при патување во Кејптаун. „Никогаш немав слушнато ништо ни оддалеку толку емоционално и спектакуларно како ова. Едноставно, вилицата ми падна додека ја слушав", изјавил Бенџелул за Холивуд рипортер по добивањето на Оскарот. Правењето на филмот не поминувал без проблеми, затоа што откако 90% од него бил завршен, вклучувајќи ја и тригодишната монтажа, главниот спонзор се повлекол, велејќи дека филмот е „глупав". Откако ги потрошил сите свои пари и позајмените пари од неговите пријатели, го завршил филмот со снимање на финалните делови со мобилен и правејќи сопствени анимации.
Неговата ненадејна смрт ги шокираше филмските колеги, кои го опишуваат како скромен но упорен, со креативна сила на маратонец. Причината за смртта е непозната, но она што се знае е дека тој работел на нов филм произлезен од неговото неодамнешно патување на сафари, за човек кој комуницира со слонови. Можеби некој иден документарец за него ќе го открие скриен некаде, како раат си ја слуша музиката на Родригез.
* Освртот на Букбокс и целиот саундтрак можете да ги најдете тука