Предвидувањата се дека Одмаздници 2: Ерата на Ултрон ќе биде третиот Марвел филм што ќе ја надмине границата од милијарда долари. За сега прв на списокот е Хари Потер со 7,7 милијарди долари од 8 филмови.
Ова е спектакуларен успех за Марвел, посебно ако се има предвид "дека со децении му беше втора виолина на ДЦ Комикс." Додека ДЦ комикс правеше пари од филмовите Супермен и Бетмен, Марвел немаше ниту еден успешен филмски лик.
Во 80-те, во времето кога Супермен господари со кината и телевизиите, единствениот филм што Марвел го вади и е "Хауард д Дак - колосалниот неуспех... Во меѓувреме очигледни кандидати како Спајдермен и Капетан Америка се губат во проектите за нивен развој."
Во 90-те бизнисот со стрипови речиси колабира, акциите на Марвел во рок од 3 години паѓаат од 35,75 на 2,38 долари. Единствена причина зошто Марвел успева да преживее е што се спојува со компанијата за играчки ТојБиз. Директорот на оваа компанија, Ави Арад е назначен за претседател на филмската дивизија на Марвел.
Арад решава дека во иднина Марвел сами ќе ги пишуваат сценаријата, ќе ги најмуваат режисерите, ќе преговараат со ѕвездите и на крај сето ова како пакет ќе им го продадат на големите студија кои ќе го снимаат и дистрибуираат филмот.
Сето ова одлично функционира, Фокс ги купува Икс-Мен, Сони Спајдермен, а Њу Лајн го зема Блејд. Проблемот е што со ваквите договори Марвел речиси ништо не заработува, па од првиот Блејд филм добиваат само 25.000 долари, а од 3 милијарди долари од Спајдермен 1 и 2, кај Марвел стигаат само 62 милиони. Во меѓувреме Холивуд почнува да се пали на суперхерои и ја избрзуваат изработката на филмовите за Електра, Панишер и Дердевил, кои се катастрофа и според пари и според критика.
Сега Арад решава да оди на Вол Стрит за да добие пари за финансирање на независно студио, снимајќи филмови со ликови од второ ниво кои компанијата се уште им ги нема лиценцирано на други. Прв ваков лик е Ајрон Мен.
"Интересно е што планот на Марвел беше да ги користи ликовите како гаранција за парите. Па ако Ајрон Мен не успееше, правата за него и еден куп други ликови ќе ги добиеа кредиторите.
Меѓу овие ликови се и Одмаздниците - ама во договорот не беше напишано кои одмаздници. А ако ја знаеш историјата на Марвел ликовите, знаеш дека Одмаздниците се составени од 50 различни карактери.
Ова беше расипано од нивна страна. Тие можеа да кажат, ОК, не успеавме еве ви ги правата за Одмаздници, и ви ги даваме Jack of Hearts или Two Gun Kid," објаснува авторот на Marvel Comics: The Untold Story, Шон Хов.
На крај Ајрон Мен успева, во голем дел благодарејќи на начинот на кој Роберт Дауни го одигра ликот на милијардерот Тони Старк.
Марвел Универзумот моментално има 11 филмови, седум ТВ серии и повеќе филмови планирани да излезат до 2020-та, "секој преплетен со другиот, со приказна хронолошки подредена од тимот продуценти на Марвел, предводени од 41-годишниот Кевин Фиџ."
"Посебно после минатогодишниот успех на Чувари на галаксијата - ризичен проект, базиран на помалку познати ликови меѓу кои и ракун - изгледа како Марвел да се незапирливи," пишува Марк Севиџ во анализата за БиБиСи.