„Ротен Томатос нема никаква врска со вистинската филмска критика. Тие оценуваат филм како што се оценува коњ на коњска трка или миксер во Конзумер Репортс. Тие имаат врска со сè што е филмски бизнис но ништо заедничко ниту со создавањето ниту со интелигентното гледање филм. Филмаџијата кај нив е сведен на мануфактурен производител на содржина а гледачот на неавантуристички конзумент.
Ротен Томатос е навредлива појава во време кога филмската критика пишувана од страсно посветени луѓе со вистинско познавање на филмската историја полека заминува од сцената. Сè повеќе и повеќе има гласови кои се ангажираат во просто оценување и попување, луѓе кои се чини дека уживаат кога некои филмови и филмаџии не успеваат, биваат отпуштени или раскинати на парчиња“.
Ова го наведе легендарниот филмски творец Мартин Скорсезе како надополнување на неговата главна мета, влијателниот Синемаскор (чии оценки се пресудни за судбината на некој филм) откако видел дека последниот филм на Дарен Аронофски „Мајка!“ минал со најниската Ф оценка. Скорсезе, кому филмот на Аронофски сериозно му се бендисал, вели дека авторот треба да е задоволен што таква срамна оценка дели со филмови на Роберт Алтман, Џејн Кампион, Вилијам Фридкин или Стивен Содерберг.
„Се чини дека луѓето се настрвија на крв (за „Мајка“) бидејќи е тоа филм кој не може лесно да биде дефиниран или опишан со две реченици. Дали е тоа хорор филм, црна комедија, библиска алегорија или предупредувачка лекција за моралната и животната девастација? Можеби од сето тоа по малку но сигурно не може да се вкалапи во ниедна од тие згодни категории“, вели Скорсезе.