Следното лето, "Авантури од Дизни" ќе почне со тури низ Норвешка на локациите што ги инспирираа аниматорите на цртаниот филм. Аранжманите ќе чинат над 5.000 долари од човек. Исто така, тие се подготвуваат да пуштат и брендирани сокови, јогурт, фластери и комплетна линија за орална хигиена на тема од филмот. Се на се, Дизни проценува дека Снежното кралство ќе им донесе над 1 милијарда приходи од продажба во измината година.
Њујорк тајмс анализира дека во време кога брендовите постојано губат вредност и купувачите се се' помалку лојални, Дизни е имун на овој тренд. Објаснувањето е дека додека другите брендови биле врзани со квалитет на производот (улога што сега ја губат), Дизни се поврзува со квалитетот на приказните што ги кажуваат.
"Како резултат на ова Дизни е сред златното доба на профитабилноста. Ликовите на Дизни поддржувале производи уште од 1929-та, ама со појавата на лиценцирање, кое почнува како спореден бизнис, сега станува главен. Најголемиот дел од годините Дизни прави повеќе пари од продажба на брендирани производи од филмови, отколку од самите филмови," пишува Њујорк Тајмс.
Популарноста на Снежното кралство исто така е засилена и од се поголемиот пазар за играчки за женски. Иако принцезите се постојан дел од пазарот на играчки, тие стануваат многу попопуларни на крајот од 90-те. Дизни почнува да се фокусира на принцезите во 2000-та, кога новиот директор оди да го гледа шоуто "Дизни на мраз." Таму тој е запрепастен од тоа колку мали девојчиња има во публика што дошле во домашно направени фустани на принцези. Денес колекцијата со принцези на Дизни прави околу 4 милијарди долари годишно, со што се израмнува со Мики Маус.