Мосберг прави споредба со 1941-ва кога Орсон Велс снима филм базиран на животот на медиумскиот магнат Вилијам Рудолф Херст, каде го покажува во лошо светло. "Тој има уметничка слобода околу ликот, ама филмот не го нарекува Граѓанинот Херст, туку Граѓанинот Кејн, и сега тоа се смета за еден од најдобрите филмови на сите времиња."
Наспроти него, во 2015-та, брилијантниот Арон Соркин прави филм делумно базиран на животот на Стив Џобс, и го покажува во лошо светло. "Тој исто така си зема уметничка слобода околу ликот, и настаните. Меѓутоа, неговото забавно дело не именувано како што треба. Тоа се вика Стив Џобс и е базирано на биографијата за човекот авторизирана од Волтер Исаксон."
"Како резултат, за бројните луѓе кои не го знаат вистинскиот Стив Џобс, филмот на Соркин, ќе изгледа како вистински, холистички портрет за еден голем човек, и покрај постојаните протести на сценаристите дека тој не е таков и дека филмот не е замислен како биографски," објаснува Мосберг.
Како референца Мосберг потсетува дека цели 14 години има блиски односи со првиот човек на Епл, "и тоа во 14-те најпродуктивни и најуспешни години на Џобс."
"Во овие години минав часови и часови во приватни разговори и бројни интервјуа. Стив Џобс кој е прикажан во филмот на Соркин не е човекот што јас го знаев," пишува Мосберг.
Неговото обвинување до Соркин е дека тој ги избирал и претерувал во некои од најлошите аспекти на карактерот на Џобс, и се фокусирал на период од неговата кариера кога тој е премногу млад и незрел. Посебно има забелешка што се пренагласува веројатно најсрамната епизода од приватниот живот на Џобс, кога тој одбива да ја признае својата ќерка.
"Тоа ти е како да направиш филм што се вика ЏФК, речиси комплетно фокусиран на Кенеди како женкар и неговите политички сплетки, без притоа да ништо да кажеш за човековите права и Кубанската криза. Соркин решава да ја заврши својата приказна токму кога Џобс се подготвува да започне со создавањето на невидена серија на нови производи."
Врз основа на сопственото искуство со човекот, Мосберг забележува дека во филмот нема ништо за тоа колку Џобс бил среќен во својот брак, колку си ги сакал децата, и дека го предводел создавањето на Ајфонот.
"Не го знаев Стив Џобс на почетокот од кариерата - неговиот прв ангажман во Епл и потоа неговиот ангажман во Некст - што зафаќаат најголем дел од текстот. И многу малку знам за неговиот однос со ќерка му Лиса.
Ама Стив Џобс што го знам - оној што филмот никогаш не го покажува - ги балансираше своите силни уверувања и неговата нетрпеливост со подготвеноста да ги чуе другите и да го промени своето мислење. Во голем број наши разговори, тој милуваше да дебатира за производи и технички прашања. Да, имавме и меѓусебни раздерувања, ама исто така и многу сериозни, смирени разговори па дури и смеење. И за разлика од човекот во филмот, јас го гледав како слуша, и конечно како се согласува со, спротивставените гледишта истакнати од некои негови вработени," порачува Мосберг.