Дел од паниката на Американците е дека американските телеком провајдери не може да си дозволат да станат зависни од кинески производители.
Меѓутоа и покрај блокадите и маките со кои се соочува во САД, Хуавеи глобално бележи побрз раст од Епл и Самсунг, кои истовремено се единствените производители на смартфони со поголем пазарен удел од кинеската компанија. Освен напредокот на пазарот, во техничкиот дел Хуавеи сега има производни капацитети и знаење кое е конкурентно на Куалком, и е во директна трка со нив за развивање на безжична опрема од 5-та генерација (5Г).
Колку поголем дел од 5Г технологијата Хуавеи успее да проработи, толку повеќе пари ќе собере од американските компании за патенти што ги регистрира. Суми кои се бројат во милијарди долари годишно.
Токму технолошкиот напредок беше една од причините зошто Трамп не го дозволи купувањето на американскиот Куалком од страна на кинески Броадком. Логиката беше дека првиот човек на Броадком е познат по кратењето на трошоците за да излезе со конкурентни цени, заради што е веројатно дека ќе го скрати буџетот на Куалком за истражување и развој, со што индиректно ќе им даде поголема предност на кинеските компании (Хуавеи) во трката за развивање на 5Г.
Меѓу мерките против Хуaвеи до сега има:
- Предлог закон кој и забранува на федералната влада да работи со која било компанија што користи Хуавеи опрема.
- Меморандум на тема 5Г мрежи од Националниот совет за безбедност кој ја опишува кинеската технологија како закана за американската безбедност. Во текстот се спомнати две имиња: Хуавеи и ЗТЕ.
Еден ден по меморандумот Веризон го откажа планот да продава Хуавеи смартфони во своите продавници. АТ&Т веќе се имаа откажано од вакво партнерство по притисок од Конгресот.
Хуавеи сето ова го смета за „ширење национализам“ и во своја одбрана порачува дека тие не се ништо поблиски со кинеската влада од Епл или Гугл, и дека инсталирањето на „заден влез“ во својот хардвер или софтвер би било еднакво на пазарно самоубиство.
Кинеската компанија моментално вработува 180.000 луѓе, од кои најголемиот дел се инженери, а е застапена во 170 држави низ светот. Иако е приватна компанија, Хуавеи два пати годишно ги објавува своите финансиски производи, како приказ на транспарентност на своето работење.
Според извештајот на американскиот Комитет за странски инвестиции во САД, Хуавеи моментално поседува 10% од сите патенти за 5Г и 300 од своите најдобри инженери ги има ангажирано на развивање дополнителни патенти. Хуавеи тврди дека има потрошено 600 милиони долари на развивање на 5Г, а само годинава се очекува да инвестира дополнителни 800 милиони во оваа технологија. Компанијата веќе има околу 50 договори со мобилни оператори за тестирање на опремата.
Раскажувајќи ја историјата и некои од матните моменти на Хуавеи, Блумберг објаснува дека „една од причините зошто американските политичари се толку претпазливи од ваквото сценарио е затоа што американските разузнавачки служби рутински ги искористуваа домашните компании токму во овие цели.“