
Сите големи технолошки лаборатории во изминатите неколку месеци оценија дека вештачката општа интелигенција (AGI) би била остварлив подвиг во рок од една деценија, ако се има предвид колку брзо напредува генеративната вештачка интелигенција. AGI е систем со вештачка интелигенција што ги надминува човечките когнитивни способности во различни задачи.
Директорот на Опен АИ, Сем Алтман вели дека вештачката и човечката интелигенција може да се изедначат во следните пет години. Творците на јазичниот модел Чет ГПТ веќе се прекомандувани на развој на суперинтелигенција. Но, Алтман смета дека преминувањето на таа граница ќе има „изненадувачки мало“ влијание врз општеството.
Ако пред пет години прашавте дали компјутер ќе помине Туринг тест, ќе ви речеа не. Компјутерите го положија тестот, но тоа немаше какви било значајни промени во општеството, изјави Алтман.
Тоа е спротивно на уплавот што други големи играчи го имаат од моќта на AGI. Истражувачот за ВИ безбедност Роман Јамполски предупреди дека има „99,999999% веројатност дека AGI ќе му стави крај на човештвото“. Единствениот спас, според Јамполски, е да престане да се развива технологијата.
Демис Хасабис, директорот на лабораторијата Дипмајнд (која го разви моделот Џемини на Гугл) во интервју за Тајм изрази загриженост дека ќе го достигнеме AGI во следните пет до десет години, бидејќи инвеститорите вложуваат милијарди иако нема јасен пат до профит.
Доаѓа многу скоро и не сум сигурен дека општеството е сосема подготвено за тоа. Треба да ги промислиме прашањата дали таквите системи ќе може да се контролираат и кој ќе има пристап до нив, за да се осигураме дека се ќе се одвива добро, вели Хасабис.
Директорот на Антропик, Дарио Амодеи, неодамна призна дека никој во компанијата всушност не разбира како функционираат нејзините модели. Тој очекува машините веќе во 2027 година да бидат попаметни од луѓето.
Можно е да биде подоцна, но не е многу далеку, кога системите со ВИ ќе бидат подобри прво од некои луѓе во речиси сè, потоа од скоро сите луѓе во скоро сè и на крајот подобри од сите луѓе во сè, дури и во роботиката, изјави Амодеи.
Во трката за профит и огромната конкуренција на пазарот, безбедноста е во втор план. Фајненшл тајмс објави дека Опен АИ ги преполовил и времето и средствата за тестирање на безбедноста на моќните модели за вештачка интелигенција, за да може уште побрзо да пласира производи на пазарот.
Порано имавме посеопфатни тестови. Сега, кога има поголема побарувачка, тие сакаат да тестираме побрзо. Се надевам дека тоа не е катастрофален погрешен чекор, но секако е непромислен. Ова е рецепт за катастрофа, изјави за ФТ тестер на моделот о3 на Чет ГПТ.