Минатиот месец, првата вселенска држава ја напушти Меѓународната вселенска станица. Вселенска држава, Асгардија-1, всушност е сателит кој содржи лични податоци од околу 300.000 „граѓани“ на оваа „вселенска нација“ и кој го лансираше милијардерот Игор Ашурбејли.
Асгардија сè уште не е призната од Обединетите нации, а нејзините граѓани се луѓе кои пополниле формулар. Целта е „да се обезбеди постојано присуство на луѓето во вселената“, изјави неодамна Ашурбејли во интервју за Форин полиси.
Овој руски ракетен стручњак не е единствениот милијардер со необични идеи за тоа што треба да прави човештвото во вселената. Во саботата, Политико и Њујорк тајмс објавија статии кои откриваат дека друг магнат, Роберт Бигелоу, ги убедил пратениците да одобрат средства Пентагон да да бара НЛО.
Без оглед на мотивите, оваа нова вселенска трка ќе ги смени правилата на игра - вселената во моментов е царство на владите (Договорот за вселената од 1967 беше напишан за земји, а не за бизнис магнати), па вклучувањето на богатите поединци ја менува природата на нештата.
Некои од нивните планови се:
Живот на Марс: Спејс Икс на Елон Маск, кој е основач и извршен и технолошки директор на компанијата, произведува вселенски летала. Компанијата се обидува да ја унапреди ракетната технологија, да ги намали трошоците за вселенски летови со човечки екипаж, особено со повторно користење на ракетите, а една од целите е и колонизирањето на Марс. Но, според мислењето на некои луѓе, во намерата за напуштање на Земјата, Маск е мотивиран повеќе комерцијално отколку еколошки.
Во седумдесетите години на минатиот век идеите за оддалечување од Земјата на некој начин беа да се вратиме назад - всушност тоа претставуваше бегство од владите и од религиите и придвижување кон еколошката свест.
„Малку е чудно, или можеби разочарувачки. Оригиналните идеи за преместување на луѓето од оваа планета во вселената, освен животната средина настојувале да го подобрат и општеството како целина. Тоа не го гледам во описите на Маск за колонизирање на Марс“, вели Патрик Меккреј од Универзитетот на Калифорнија во Санта Барбара.
Вселенски туризам: Блу ориџин на Џеф Безос, основана во 2000 година, исто така настојува да ги намали трошоците за патување во вселената со повторно користење на ракетите. Компанијата е заинтересирана за подорбитални човечки вселенски летови. По повеќе од една година, на 12 декември Блу ориџин ја лансираше туристичката ракета Њу шепард (туристот беше тест-кукла).
Блу ориџин лансираше ракета и ја врати на Земјата уште пред Спејс Икс да направи нешто такво. Но ракетата Фалкон на Спејс Икс беше подолга и нејзиниот лет траеше подолго. Тоа не го спречи Безос во декември 2015 да се огласи на Твитер: „Честитки за Спејс Икс за слетувањето на Фалкон. Добредојде во клубот!“
„Елон Маск е целосно насочен на патувањето на Марс и мислам дека тоа е неговата животна мисија“, вели Ричард Бренсон, основачот на Вирџин Галактик. „Џеф Безос и ние самите (во групацијата Вирџин) повеќе се интересираме како можеме ја користиме вселената за бенефит на Земјата“. Вирџин Галактик настојува во наредните месеци да испрати вселенско летало со екипаж на височина од над 50 милји над површината на Земјата.
Вселенскиот туризам еден ден би можел да вклучува и престој во вселенски хотел, доколку Бигелоу (истиот кој го придоби Пентагон да троши пари за потрага по НЛО) најде начин. Аероспејс на Бигелоу полага големи надежи во хотел кој може да се надува со воздух и ќе орбитира околу Месечината. Компанијата веќе има комерцијален модул покрај Меѓународната вселенска станица, каде што ќе остане уште најмалку уште три години.
Сонувањата за Алфа Кентаур: следбениците на Јури Милнер веднаш ќе кажат дека, за разлика од Безос, Бренсон и Маск, Милнер не прави пари од вселената. Наместо тоа, тој вложи 100 милиони долари во истражувачкиот проект Брејктру старшот инишијатив (Breakthrough Starshot Initiative) кој треба да им помогне на научниците да испратат сонда до Алфа Кентаур, најблиската ѕвезда на нашиот Сончев систем. Тој исто така е Русин, па некои го поздравија потегот велејќи дека е пример како вклучувањето на мега-богатите би можело да помогне во понатамошната хармонија дури и меѓу непријателските земји.
„Поместувањето од политиката кон научно-комерцијален пристап, на некој начин е благослов“, вели Ави Лоеб, претседател на одделот за астрономија на Универзитетот Харвард и член на советодавниот комитет на Брејктру старшот инишијатив.
Вселената во моментов е една од ретките арени во кои Русија и САД играат чисто. Двете земји се согласија да работат заедно за да ја изградат првата вселенска станица која ќе орбитира околу Месечината. Тој план би можел да пропадне доколку приватните богати поединци го преземат местото од владите. Републиканецот Џим Брајденстин, кој беше изборот на Трамп за шеф на НАСА, веќе изјави дека ќе ги преиспита односите на Русија со САД во вселената. (Во моментов, САД се потпираат на Русија за транзит кон и од Меѓународната вселенска станица, за што плаќаат 81 милион долари по седиште). Адам Рут од Центарот за нова американска безбедност вели дека може да замисли како бизнисмените во вселената се прашуваат: „Која е нето добивката за партнерство со Русите?“
Рударење на астероиди: Лари Пејџ и Ерик Шмит, првите луѓе на Алфабет, матичната компанија на Гугл, инвестираа во Планетари ресорсис, чија мисија е да копа руда на астероидите „додавајќи илјадници милијарди долари во глобалниот БДП“ и „помагајќи да се обезбеди просперитет на човештвото“.
„Мислам дека тоа всушност ја зголемува питата“, вели Питер Маркез, потпретседател за глобален ангажман во Планетари ресорсис, во врска со можноста индивидуалци да им се приклучат на владите во истражувањето и експлоатацијата на вселената. Тој исто така гледа позитивно на вклучувањето на богатите луѓе во активностите на владите бидејќи инвеститорите доаѓаат од различни земји каде што се добро познати и влијателни. Тоа влијание е потребно за поддршка на регулативата, бидејќи законите со кои се регулира вселената во некои случаи сè уште треба да бидат напишани.
Вселенски нации: Тоа нè враќа назад до Ашурбејли за кого постои „едно човештво, едно единство“. Секој поединец насекаде во светот кој е постар од 18 години може да аплицира за државјанство во Асгардија, првата вселенска држава. Покрај тоа, Ашурбејли сака да ја колонизира и Месечината. Сателитот Асгардија 1, лансиран од НАСА, ги има податоците на „граѓаните“ на Асгардија кои се складирани во вселената, далеку од правилата и регулативите на државите (освен се разбира на САД која што технички го управува сателитот затоа што почна од мисија финансирана од НАСА). Според правилата и одредбите на „уставот на земјата“, „Асгардија го задржува правото да го одбие пристапот ... на секој корисник ... (кој го прекршува) било кој закон за авторски права или трговски марки на САД, Австрија или Велика Британија“). Ашурбејли не сакаше да открие колку чини тоа, но вели дека може да плати со парите што ги имал во џебот. (Но, исто така, не кажа колку има во џебот).