Се работи за новото правило за таканаречените „американски персони“ што го воведува САД како дел од новиот пакет санкции против Кина. Конкретната санкција е директен удар на ветувањето што Ши Џинпинг го даде на конгресот на ККП, дека државата „ќе ги привлече најдобрите умови од сите области за каузите на Партијата и народот.“
„Странските дизајнери и инженери, заедно со Кинезите со странски пасоши или престој, долго време играа клучна улога во технолошкиот развој на земјата. Кај потрошувачката електроника Хуавеи ги забрза своите напори за стигнување на Ајфон со ангажирање на поранешната креативна директорка на Епл, Абигеј Броди, во 2015 како главна дизајнерка. Компанијата исто така регрутираше и меѓународен талент за создавањето на сопствен чип и аудио инженеринг, како и 5Г технологија,“ пишува Блумберг.
Во други примери наведен е Пиотек, водечкиот производител на опрема за чипови, каде шест од седумте клучни директори за истражување и развој се американски жители. Плус, американски пасош имаат и претседателот и генералниот менаџер на компанијата.
И кај Пиотек и кај голем број други компании, се работи за Американци со кинеско потекло.
Новите правила предвидуваат дека секој што ќе биде опфатен со нив, ќе мора да добие лиценца за да продолжи да работи во Кина или за тамошна компанија, со тоа што детално ќе мора да докаже дека нивната работа нема да заврши за воени потреби. Условот е речиси невозможно да се исполни имајќи ги предвид бројните основи за користење на чиповите и како се тие би можеле да завршат кај војската, од тостер до воен авион.
По објавата на санкциите, кинеските аналитичари тврдат дека тие преку ноќ го парализирале кинеското производство, правејќи повеќе штета со еден потег отколку „четири години санкции од Трамп.“
Вон персоналните решенија, санкциите предвидуваат и забрана за испорака на компоненти и сервиси од САД за Кина.
„На кратко секој напреден производител на чипови моментално се соочува со масовно губење на добавувачи, откази од целиот американски персонал и инстантно парализирање на работењето.
Вака изгледа инстантно уништување: кинеската индустрија за чипови преку ноќ е сведена на нула. Комплетен колапс. Без шанса за преживување,“ ја пренесува истражувачот Џордан Шнајдер од Родиум груп анализата на @lidangzzz.
Како последица на санкциите и најголемиот производител на микрочипови, тајвански ТСМЦ, објави дека се откажува од соработката со кинески Бирен, кој периодов напредуваше како главен конкурент на Нвидиа и АМД.