Финалните видео спотови прецизно ја одразуваат разликата во тактиките на двата табора во финишот на трката. Тој го цементира гневот против корумпираниот естаблишмент, таа со позитивни пораки ги лови неопределените, оставајќи ги медиумите да ја завршат останатата работа и да го обвинат противникот, во случајов за анти- семитизам.
Амотсферата на завршниот спот на Хилари Клинтoн ја одредува песната на Кејти Пери и спотот игра на позитивни емоции и пораки. Многу ЗА (иднината, планетата....) и само едно ПРОТИВ (хејтот). Очигледно спотот е правен во духот на пораката на Мишел Обама "Кога тие одат ниско, ние летаме високо" и има намера да ја зацврсти посакуваната слика за државничка мудрост на Хилари.
"Кој повеќе го личи за претседател" не е наивен критериум во конечниот избор на гласачите, особено во американската политика. Да потсетиме, главно на таа цака Мајкл Дукакис изгуби од постариот Буш (1988) а Никсон од Кенеди (1960).
Од друга страна. во својот завршен спот Доналд Трамп остана со носечкиот наратив на својата кампања - корумпираниот естаблишмент и нивната лакомост ја имаат исцицано државата и само граѓанинот може да ги сопре отуѓените елити кои работат исклучиво во своја полза.
"Класичен анти-семитизам", оценуваат медиуми блиски до демократите, затоа што за илустрација на лакомоста на естаблишментот се искористени неколку познати ликови со еврејско потекло (Џорџ Сорос, извршниот на Голдман Сакс, Лојд Бланкфеин).