Економист предупредува да се биде претпазлив со оптимизмот околу Европа по добрите вести од изминатите недели дека цените на енергенсите се намалени од летоска и дека доброто време ги штеди залихите со гас.
„Меѓутоа енергетската криза уште претставува опасност. Цените на гасот се шест пати поголеми од нивниот долгорочен просек.
Европските залихи со гас ќе треба да бидат одново наполнети уште еднаш во 2023, овој пат без ни капка руски гас,“ пишува Економист.
Математиката што ја прави Економист е дека во нормална зима 10% раст на цената на енергијата е еднаква на 0,6% раст на смртните случаи, што во европски рамки би имало биланс од 100.000 дополнителни смртни случаи само за оваа сезона:
„Ако е така, тогаш енергетското оружје на Путин би можело да однесе повеќе животи вон Украина отколку што неговата артилерија, проектили и дронови носат во Украина. Тоа е уште една причина зошто украинскиот отпор на Русија е и европска битка.“
Војната соголи и една сериозна ранливост на европскиот бизнис модел, во кој преголем дел од европската индустрија, а посебно германската, се потпира на изобилието на евтина руска енергија, а во исто време голем број компании остануваат зависни од Кина како краен пазар.
По сето ова, најболниот удар за Европа доаѓа од САД и нивниот „економски национализам“ во кој администрацијата на Бајден се одлучи на помош за американската индустрија во вредност од 400 милијарди долари.
„На многу начини шемата наликува на индустриските политики што Кина ги тераше со децении. Како што другите два столба на светската економија станаа по интервенционистички и протекционистички, Европа, со своето старомодно инсистирање на почитување на правилата на СТО за слободна трговија, изгледа наивно,“ пишува Економист.
Како САД почнаа да зборуваат за субвенциите, така се повеќе европски компании почнаа да најавуваат или да размислуваат за селење на своето производство во Америка. Предупредувањето од нив е дека скапата енергија и американските субвенции ја ставаат Европа пред ризик од масовна деиндустријализација.
Во американската верзија на настаните, Вашингтон е гневен на европските сојузници што и пред војната одбиваа да ги плаќаат договорените пари за НАТО, а и за време на војната се ценкаат околу помошта за Киев, додека САД испорача десетици милијарди помош за Украина. Заради ова САД решава да ја засили својата економија со помошта од 400 милијарди долари, за да може во Азија да и парира на Кина и заканите кои доаѓаат од таму.
Споредено со прогнозите од пред ковид Европа има полоши резултати од кој било друг економски блок. Од топ 100 највредни компании на светот само 14 се европски.
Препораката на Економист е САД да ја гледа поголемата слика и во борбата со Кина да не и наштети на Европа и економски да ја исцеди, туку да најде начин како да ја помогне и европските компании да бидат опфатени со енергетските субвенции.
„Освен воодушевување и преплашеност, третата емоција во трансатлантските односи е фрустрација. Америка е иритирана од економската вкочанетост на Европа, и нејзиниот неуспех да се одбрани себе си; Европа е гневна на американскиот економски популизам. Меѓутоа како што Европа не смее да биде поделена од војната, идентично витално е најмоќната демократска алијанса во историјата да се адаптира и да истрае,“ порачува Економист.