Станува збор за најголемата мирнодопска резерва во историјата на Британија, која полицијата чувствува дека е неопходна заради заострената реторика од некои од највидливите политичари кои периодов се бафтаат со брегзит.
„Почнува да станува многу емотивно... мислам дека одговорноста на оние поединци кои имаат платформа, чиј глас се слуша, е да комуницираат на начин кој е умерен а не на начин кој дополнително ќе ги запали гледиштата на граѓаните и ќе доведе до одредени постапки.
Мислам дека сме во неверојатно нервозна атмосфера. Постои многу гнев кој се забележува ако ги погледнеш социјалните медиуми,“ порачува првиот човек на британскиот Национален совет на полициски началници, Мартин Хјуит.
Во вакви околности британската полиција веќе има распоредено најмалку 10.000 полицајци обучени за смирување на немири низ Англија, Велс, Шкотска и Северна Ирска. Овие полицајци се обучени и за спречување на пљачкосување во случај на недостаток на храна или други основни потреби. Од таму појаснуваат дека полицијата нема да го заштитува ланецот на снабдување со храна и лекови на компаниите, „бидејќи одговорните во овие сектори имале доволно време да направат план, а и полицијата нема да има доволно луѓе за да го покрие тоа“.
Нивните процени се дека засилувањето од 10.000 полицајци може да почне со распоредување во рок од 1 час откако тоа ќе биде побарано, и ќе бидат потребни 8 часа за нивно комплетно распоредување.
Со ова темпо и засилување полицијата без проблем би можела да функционира 7 дена. Доколку немирите траат подолго, тогаш ќе треба да се направи реорганизација, па смените да траат по 12 часа и да се престане со некои несуштински активности како обука, работа со локалните заедници и работа за превенција на криминал.