
Финска, Полска, Летонија, Естонија и Литванија, кои имаат копнена граница со Русија, се повлекуваат од Договорот од Отава за забрана за употреба на противпешадиски мини.
Ова оружје, заедно со касетните бомби, е забрането зашто може да остане закопано под земја кога ќе заврши војната и да убие или да осакати луѓе со години подоцна.
Мониторингот за нагазни мини и касетна муниција објави дека во 2023 година низ целиот свет 5.757 луѓе загинале или биле ранети од мини и остатоци од експлозиви. Дури 84% од жртвите биле цивили.
На почетокот на оваа година, пактот имаше 165 потписници. Големите воени сили – САД, Русија, Кина, Индија и Пакистан, никогаш не го потпишале. Украина е првата потписничка што го прекрши обврската. Откако беше нападната од Русија, употребуваше мини што ги доби од САД. Сега е најминираната земја во светот.
Полска и трите балтички земји најавија повлекување во март „за да ја зајакнат одбраната на источното крило на НАТО и да им обезбедат на своите оружени сили поголема флексибилност при соочување со можна агресија од Русија“. Им се придружи и Финска, која објави дека „одговорно“ ќе поставува мини за да се намали ризикот за цивилите. „Одговорно“ за Хелсинки значи прецизно мапирање на полињата, расчистување кога ќе заврши опасноста и едукација на локалните заедници.
Кир Џајлс, консултант во лондонскиот аналитички клуб Четам хаус, тврди дека западните соседи на Русија внимателно ги анализирале искуствата од војната во Украина и оцениле дека минирањето таму се покажало успешно за запирање на украинската контраофанзива во летото 2023 година. Се проценува дека руските сили посеале мини и други експлозиви на површина од 174.000 квадратни километри, што е речиси една третина од територијата на Украина.
И Босна и Херцеговина пред 30 години, како Украина денес, беше огромно минско поле. Алма Таслиџан, која работи за добротворна организација за лица со посебни потреби, е изненадена што напредни европски земји воопшто размислуваат да го вклучат ова оружје во воената стратегија и, уште полошо, да го закопаат во сопствената земја.
Штом е закопано во земја, опасно е. Мината не прави разлика помеѓу чизма на војник и нога на дете, вели Таслиџан.