Време е за европска демократија

Без разлика колку од година во година членките на ЕУ стануваат поинтегрирани и меѓусебно поповрзани, европската политика „и понатаму останува заглавена во националниот силос,“ нешто што Алберто Алемано го нарекува „демократскиот јаз на ЕУ.“

Жителите на ЕУ од 1979 гласаат за претставници во ЕУ парламентот и речиси 40 години подоцна тоа и понатаму секој го прави на различен датум, според локални изборни закони, и за „кандидати кои се избрани од национални политички партии и по основа на домашна агенда.“

Во исто време пан-европските партии и покрај целото признавање од институциите и финансиски ресурси што ги добиваат, остануваат слаби, генерално сојузи на национални партии од неколку ЕУ држави „обединети од тенок политички интерес и финансиски награди.“

Ништо од ова нема да се промени ниту за следните изборите за ЕУ парламентот во 2019, или како што објаснува Жан Моне професорот по европско право, Алберто Алемано:

„На ЕУ и недостасува автентичен европски систем на партии способни за развивање на автентична транснационална дебата.“

Како последици од ваквото себично функционирање, Алемано наведува:

- Се попречува создавањето на пан-европско јавно мислење.

- Заради ова пак развојот на ЕУ се гледа речиси исклучиво низ националната призма.

- Медиумските репортажи се неизбежно делумни, често пати со погрешни информации или наведуваат на погрешен заклучок.

- Националните политичари постојано ја префрлаат вината на ЕУ и ја жртвуваат Унијата.

Во пракса ова значи дека не можат да се решат проблемите кои ја задираат целата Унија, на пример миграција, што потоа доведува до проблеми дома кај секој од ЕУ лидерите, што пак секогаш е во корист на рејтингот на анти-ЕУ партиите, кои потоа доаѓаат на ред да испратат свои луѓе во ЕУ парламентот кои пак тераат уште понационално настроени политики.

И самите членови на Европскиот парламент не се нешто посебно возбудени околу пан-европски партии, стравувајќи дека разгледување на такви идеи може да значи и губење на политичкото влијание на востановените партии.

Една од партиите која се обидува да работи нешто на европско ниво е Дием 25, левичарската коалиција формирана од Јанис Варуфакис и францускиот социјалист Беноа Хамон. Волт е про-европска партија основана од тројца миленијалци, додека крајната десница ја има Генерација идентитет, основана во Франција која себе си се опишува како „пан-европско идентитетско движење.“

За да го избегнат немањето на транснационални листи, овие движења или регистрираат иста партија во повеќе ЕУ држави или ја координираат својата политичка понуда.

„Она што ги разликува овие движења од традиционални политички партии е нивната способност со еден глас да му се обратат на европскиот електорат за големите европски прашања како миграцијата или економијата.

...Една работа е јасна. Има многу повеќе визии за Европа отколку оние претставени од традиционалните федералисти на едната страна на спектарот и националистите на другата. Европа како политички простор и понатаму еволуира, меѓутоа овие транснационални движења ќе ги натераат сите политички партии да се натпреваруваат за идеи, гласови и места на европската сцена.

Како такви, нивното постоење мора да се охрабрува. Транснационалните партии се расадникот за вистинско европско политичко уредување. Изборите следната година може ќе ја одбележат пресвртницата, моментот кога првата вистински европска политичка конкуренција го поплочила патот за автентична европска транснационална демократија,“ порачува професорот.

6 јули 2018 - 13:08