Позицијата на Ратли ќе обединува повеќе обврски и задачи кои ги извршуваат различни функционери во британската влада, а се однесуваат на тоа Британија, која увезува најголем дел од храната, да не остане гладна по напуштањето на ЕУ.
Големите увозници на храна во Британија објаснуваат дека веќе почнале да прават залихи, меѓутоа тие се крајно ограничени во тоа пред се заради краткиот рок на траење на производи како млеко или зеленчук.
Генералниот впечаток кон назначувањето на Ратли е позитивен, како што за Гардијан објаснува еден човек од индустријата, затоа што „постои одредено ниво на наивност дека луѓето можат да прават залихи на храна, што е комплетно невозможно и покажува длабоко неразбирање на тоа како функционира системот на снабдување“.
Паниката околу се поверојатното излегување од Унијата без никаков договор е на највисоко ниво до сега откако Тереза Меј не успеа да добие поддршка од лидерите на ЕУ за нејзиниот план за брегзит. По ова британската премиерка изјави дека двете страни се наоѓаат во ќорсокак. Меј, ни дома нема поддршка за планот.
И покрај тоа што владините функционери се обидоа да ја олабават ваквата ситуација предлагајќи нови привремени мерки, од индустријата објаснуваат дека тоа што тие го предлагаат ќе доведе до колони со камиони на британските граници, што е посебно проблем кога се работи за производи со краток рок на траење.
Брегзит треба да се случи на 29 март 2019.